Синдикалци негодуваат: Главно во новиот Закон за високо образование е како да се зголемат мандатите на ректорите и деканите

Со загриженост ги следиме најавите за измена и дополнување на Законот за високото образование од 2018-та, истакнуваат од Независниот академски синдикат (НАкС). Синдикалците посочуваат дека деновиве од кулоарите на различните тела и преку медиумите добиваат штури информации за процеси и наводни предлози со кои се засегнати некои од клучните придобивки на сегашниот Закон.

Во „протечените документи“, додава Синдикатот, „главна преокупација на измените е како мандатите на деканите и ректорите да се зголемат од три на четири години, како нивните управи да ги преземат ингеренциите на наставно-научните совети и универзитетскиот сенат, како спроведувањето на постапката за нивниот избор да се врати во мала и ’избрана’ група“.

-Додека за наставниците и научниците се планираат „само“ никогаш неразбраните импакт фактори како „магла“ која треба да ги подисплаши и дополнително покори. Министерот за образование и наука, д-р Јетон Шаќири, кој го најавува донесувањето на измените на Законот до крајот на годината, експресно го одби нашето барање за средба во која би се запознале со целите на измените, со образложение дека синдикатите ќе бидат консултирани кога ќе се отвори јавна расправа. Овој чекор само ја потврдува затвореноста на процесот и укажува дека законските измени се подготвуваат без сите чинители. Сето ова нè потсетува на едни минати и мрачни времиња, кога законски измени беа туркани низ Собранието со фуриозно темпо и без суштинска расправа, во крајно нетранспарентни процеси, и тоа во интерес на многу мала група на луѓе, наведува Синдикатот.

 Затоа од МОН бара итно запирање на ваквиот процес, а негово отпочнување само по сеопфатна анализа на постојниот Закон за високото образование и со вклучување на сите засегнати страни.

-Нема да дозволиме мала група на луѓе од позиција на моќ да одлучуваат за закон кој ја засега целата академска заедница, порача  Независниот академски синдикат во реакцијата.

Претходна вестШведско обвинителство: Траги од експлозив пронајдени кај оштетените гасоводи „Северен тек“
Следна вестМартин Скорсезе ги терал глумците на долги проби пред снимање