Над 200 жени од Индија решиле да ја земат правдата во свои раце откако залудно го пријавувале мажот од нивниот крај кој ги силувал, ограбувал и измачувал. Во 2004 година, плашејќи се дека ќе биде пуштен на слобода, тие се собрале во судницата во којашто му се судело и ладнокрвно го убиле.
Во период од 13-тина години, почнувајќи во 1991-ва, Аку силувал над 40 девојчиња и жени, а бил недопирлив бидејќи редовно ја поткупувал полицијата. Кога на бројните жртви им дошло „преку глава“ решиле да ја преземат правдата во свои раце.
Аку Јадав пораснал во сиромашен кварт во западниот дел на Индија. Таму почнал и со неговите криминални дејствија. Со текот на времето станал вистински гангстер и контролирал голем дел од криминалците во неговата област.
Под негова наредба, овие луѓе ограбувале, мачеле и убивале луѓе, а неретко и ги заплашувале за изнудување пари. Аку, пак, се заканувал дека ќе ги силува оние кои му се спротивставувале.
Силувањето е табу-тема во Индија дури и денес, па жртвите на Аку само молчеле.
Се претпоставува дека првата жртва ја силувал во 1991 година, а оттогаш не престанал. Неговите жртви биле толку бројни, што според локалците, во секоја куќа во квартот имало барем една личност силувана од него.
Според некои информации, Аку имал силувано најмалку 40 жени. Најмладата жртва било 10-годишно девојче. Помеѓу жртвите имало и бремени жени, а некои од жените и девојките извршиле и самоубиство поради траумата што ја преживеале.
Аку ги силувал жените во нивните домови, а доста често им наредувал на неговите „вработени“ да му носат девојчиња во напуштена зграда. Потврдено е и дека самиот има убиено најмалку тројца луѓе.
Некои жени сепак се охрабрувале да го пријавата во полиција. Но, Аку имал контрола и над полицијата, тој ги поткупувал полицајците и ги честел пијачки.
Тие, за возврат, го штителе, па дури и му кажувале кога некоја жена ќе го пријавела за силување. На пример, на повеќето жени им велел дека се „лесни“ и дека затоа ги силувал, па ги бркале од станицата.
Додека владеел теророт на Аку, над 20 семејства се иселиле од квартот. Оние кои останале ги криеле нивните ќерки, ги отпишувале од училиште и ги заклучувале дома за да не ги види никој.
Сè додека Аку ги напаѓал сиромашните, полицијата одбивала да се меша. Но, жртвите собрале храброст да се спротивстават благодарение на една жена.
Аку и неговите луѓе отишле во домот на една жена, ѝ ја искршиле покуќнината и се заканиле дека ќе ѝ го убијат семејството ако не им даде пари.
Подоцна жената била посетена од пријателка, Уша Нарајане, која ѝ рекла да пријави во полиција. Жената била исплашена и не сакала, па Уша отишла наместо неа.
Нормално, полицајците го известиле Аку, па тој отишол пред нејзината куќа со уште 40 мажи.
Аку ја опколил куќата на Уша и почнал да ѝ се заканува дека ќе ѝ истури киселина на лицето, како и дека ќе им дозволи на мажите да ја силуваат, за на крај да ја убие.
Уша ја заклучила врата од домот и пуштила плин во домот. Зела чкорче и се заканила дека ќе го запали за да се убие себеси, но и за да го убие Аку. Набрзо на улицата се собрале бројни луѓе кои настрадале од Аку, држеле камења и стапови и почнале да го бараат. Нападнале неколку од мажите кои работеле за Аку и се повлекле. Во август 2004 година, толпа луѓе се собрала и ја запалила куќата на Аку.
Плашејќи се за својата безбедност, тој сам отишол во полиција, по што бил уапсен, но не за да одговара за ужасните злодела, туку за да го заштитат. Следниот ден почнало судењето на Аку, а пред судницата се собрале над 500 луѓе.
Додека траело судењето, тој се заканил дека ќе се врати и на сите жени во квартот ќе им одржи лекција. Утредента Аку бил нападнат од група луѓе додека повторно го носеле кон судницата, но преживеал.
Сепак, на 13-ти август немал многу среќа. Низ квартот се рашириле гласини дека по судењето, Аку ќе биде пуштен на слобода. Не сакајќи повторно да живеат во страв, стотици жени (се претпоставува помеѓу 200 и 400) се упатиле кон судницата. Со нив носеле ножеви и чили зачин.
Влегле внатре и чекале да се појави Аку. Кога влегол во судницата, тој забележал девојка којашто ја силувал, ја препознал, почнал да ја исмејува, па дури и рекол дека повторно ќе ја силува.
Полицијата, пак, се смеела на неговите коментари. Тогаш една од жените се разгневила и почнала да го удира по главата со нејзиниот чевел. Набрзо потоа го нападнале и другите жени.
Аку бил прободен над 70 пати, а во лицето му фрлале камења и чили зачин. Со зачинот биле нападнати и дел до полицајците кои го штителе, поради што избегале. Една од неговите жртви му го отсекла и пенисот.
Наводно, жените си ги подавале ножевите за секоја да има шанса да го прободи барем еднаш. Страшниот напад траел 15 минути и Аку умрел на 32-годишна возраст. Подоцна, жените тврделе дека убиството не било планирано. Кога се вратиле дома, им кажале на семејствата што направиле и целиот кварт славел. Пет жени биле уапсени речиси веднаш, но биле ослободени откако другите почнале со демонстрации. Бидејќи секоја жена признавала вина за убиството, а притоа немало други сведоци, ниту една жена не заминала во затвор.
Притоа, аутопсијата покажала дека во неговиот организам имало алкохол, што бил доволен доказ дека уживал во привилегии во полицијата. Па, нивните изјави не биле земени предвид.