Поранешната пратеничкана ВМРО-ДПМНЕ Силвана Бонева денеска седна на обвинителна клупа во случајот „Друмарина“ во кој што е обвинета дека незаконски наплатила 100.000 евра за патни трошоци во македонскиот парламент. Обвинителството тврди дека таа тоа го направила во периодот од 2011 – та до 2015 – та година при што приложувала лажни сметки од патарини како да патувала од Скопје до Струмица и обратно.
– Обвинетата свесно ги довела во заблуда службите во Собранието кои и ги исплаќале тие трошоци. За да се стекне со противправна имотна корист како главен мотив, изјави на почетокот на судењето обвинителот Артан Ајро.
Одбраната на Бонева пак смета дека обвинетата законски си ги наплатила патните трошоци.
-Излегоа списоци за незаконски наплатени огромни суми на пари на име додатоци од страна на обвинителите на СЈО. И сега тие не одговараат. Никој не сноси одговорност, но истите тие кривично гонат пратеник кој законски наплатил патни трошоци, рече Ружица Николовска, адвокат на Бонева.
По барање на Ајро започнатото рочиште беше одложено без да се слушне одбраната на Бонева. Таа за медиумите изјави дека ќе докаже дека е невина.
-Со приложените 6.967 докази и 28 сведоци ќе докажам пред судот и пред јавноста дека обвинението против мене е невистинито и паушално исто како и големите лаги дека сум рекордер во земањето патни трошоци, како и големите лаги дека сум купила станови со криминални пари, рече Бонева.
Таа поднела и претставка до Народниот правобранител, кој врз основа на приложената документација, покренал постапка, како што вели таа, за заштита на нејзините права.