Сојузот на синдикатите на Македонија апелира до Владата да не бара изговори и да не го одложува намалувањето на функционерските плати за 78 отсто.
– Апелираме до Владата, да не бара изговори за процесот со намалување на функционерските плати, туку да го примени веќе воспоставениот принцип како кога носи закони на штета на работниците и со злоупотреба на европското знаменце, без широки консултации, без дијалог и без да се грижат за одлуките на Уставниот суд како што тоа го направија за воведување на 72 часовната работна недела или пак сега кога сакаат да ја тргнат минималната плата од Законот за административни службеници и да достави до Парламентот предлог на Законот со кој ќе ги намалат функционерските плати за 78 отсто, се посочува во апелот од ССМ.
Според Синдикатот, не е потребно многу време за да се направи измената на законот. ССМ веќе доставил предлог до пратениците кои, како што наведуваат, молчат три месеци, а истото решение го предлагаат и на Владата. Предлогот предвидува во Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката, да се смени член 11 и да гласи: „Основица за пресметување на платата започнувајќи со исплатата на платата за месец септември 2023 година е минималната плата објавена во Службен весник за претходната година објавена од страна на Министерството за труд и социјална политика“.
– Укажуваме дека работниците живеат од плата без право на храна и превоз, а добро е што конечно функционерите како Министерот за надворешни работи разбраа дека треба да се живее од плата, но нивните плати се колку 6 минимални плати, а имаат право на службени возила, обезбедување, ручеци, трошоци и други бенифиции, се вели во апелот од Сојузот на синдикатите на Македонија.