Случај „Ласкарци“: АБС системот бил неисправен, автобусот не смеел да сообраќа

АБС системот за кочење на автобусот во кој пред четири години кај Ласкарци загинаа 16 патници не бил исправен и возилото не смеело да биде пуштено во сообраќај. Ова на денешното продолжение на судењето го изјави вештото лице Љупчо Постолов, дел од тимот што го изготви сообраќајното супервештачење за несреќата.

-Според машинските согледувања, АБС системот не бил исправен, односно била пресечена жицата што е поврзана со уредите, одговори Постолов на прашањето на одбраната на обвинетите за исправноста на уредот.

На прашањето дали таа неисправност на АБС системот била кај едно од тркалата, или кај сите тркала, тој одговори кај сите.

-Со ваков неисправен АБС систем за кочење, овој автобус не смеел да биде пуштен во сообраќај и да превезува патници на ден 13.2.2019 година од страна на одговорните лица на превозникот “Дурмо Турс“, рече вештакот.

Прашан дали при ваков неисправен АБС систем, при максимално кочење со ножната кочница, може да дојде до тоа предните тркала на автобусот да не се управуваат, тој одговори дека АБС системот немал никакво влијание ниту е во причинска врска за случување на сообраќајната незгода.

Адвокатот Љупчо Мицевски, бранител на шестообвинетиот – возачот на автобусот, му постави и прашање дали 1,67 секунди не се доволни за сопирање, но е доволно за реакција на воланот и насочување на воланот кон десно, тој одговори дека неколку пати нагласиле дека од возачот на автобусот немало никаква реакција.

Во врска со тоа дека воланот по незгодата е најден завртен во десно, прашан дали во предметот сретнале фотографија каде што воланот е фотографиран во позиција за движење право, тој одговори дека во крајната положба воланот е во деформирана состојба.

– Таква фотографија нема, но објаснив дека сите фотографии каде што е воланот свртен кон десно може да биле од многу други причини и деформации, рече вештакот.

Обвинителот на денешното рочиште рече дека стратегијата на бранителите на останатите обвинети е да ја префрлат одговорноста на возачот, на што, тие одговорија дека е недозволиво јавен обвинител, изјавувајќи такво нешто, да се става во улога на бранител на обвинет.

Обвинети во случајот за несреќата кај Ласкарци, што се случи на 13 февруари 2019 се Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Додека, тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, се товарат за соучество во истото дело.

Претходна вестСиндикален апел: Намалете ги сега функционерските плати за 78 отсто со употреба на европско знаме и без консултации
Следна вестМалолетничка избегала од домот во Гостивар, пронајдена во Битола кај љубовникот