Синдикалната минимална кошница за март 58.998 денари

Вкупно 58.998 денари во март изнесувала вредноста на синдикалната минимална кошница, соопшти денеска Сојузот на синдикатите на Македонија. Споредена со вредноста на синдикалната минимална кошница за месец февруари годинава е зголемена за 1.522 денари.

Според ССМ, најголемо зголемување има во делот кај храната и пијалаците кои за месец март изнесуваат 22.681,00 денари, споредено со месец февруари, кога изнесувала 21 219,00 денари, зголемени се за 1 462,00 денари. Од ССМ наведуваат дека со изнајмен стан од 60 квадрати за месец март синдикалната кошничка изнесува 74.373,00 денари.

Од податоците со кои располага ССМ, од декември 2023 година до март 2024 година трошоците само за храна и пијалаци се зголемени за 1.951 денари односно за 9,41 отсто.

– Вредноста на минималната синдикална кошница е во постојан пораст од почетокот на годината, поконкретно во месец март 2024 година, каде што зголемувањето е најизразено кај делот со храната и пијалаците, што е резултат дека трговците не го послушаа апелот на ССМ и неосновано само во интерес на зголемување на својот профит енормно ги зголемија цените на прехранбените производи што резултира со нефер практики на трговците, и доведува до осиромашување на работниците и граѓаните, а по прекинување на мерката на замрзнати цени, се наведува во денешното соопштение на ССМ.

Растот на цените, велат од Синдикатот, придонесува да се изгуби куповната моќ на работниците и граѓаните. Затоа, со новото зголемување на минимална плата од март 2024 година која според пресметките ќе изнесува околу 22.567,00 денари нема да има позитивен ефект врз стандардот на граѓаните.

– ССМ предлагаше продолжување на мерката за ограничување на цените во насока на заштита на животниот стандард на работниците и граѓаните особено поради тоа што знаевме дека алчноста и профитот на газдите ќе бидат причина за неосновано зголемување на цените на штета на работниците и граѓаните, а тоа е нешто што не смее да се дозволи. Работниците и граѓаните ги повикуваме незадоволството да го изразат заедно со ССМ на протест и да ни се приклучат, затоа што моментот кога треба да бидат гласни е сега, се вели во денешното соопштение од ССМ во врска со синдикалната кошница за март.

Претходна вестЕУ дозволи бесцарински пристап за украинските земјоделски производи
Следна вестМопед удрил во паркирано „БМВ“ во Велес, двајца повредени