Синдикатот на Клинички центар:  Неоправдано е непродолжувањето на договорите на здравствени работници кои наполниле 64 години

Неоправдано е прекинување на работниот однос со здравствените работници кои наполниле 64 години а претходно дале согласност за продолжување на работниот однос до 67 години, реагира денеска Синдикатот на Клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Рекацијата на Синдикатот на најголемата здравствена институција во земјава доаѓа по непочитувањето на законските промени од страна на министерот за здравство и некои директори на јавни здравствени установи со кои овие здравствени работници кои наполниле 64 години возраст и имаат 15 години пензиски стаж може да работат уште три години.

– Основот за продолжување на работниот однос на здравствените работници и соработници, првично произлегува од измените и дополнувањата на чл.104 од Законот за работни односи од 2021 година, кои даваат можност за исклучоци од правилото дека работниот однос на работниците им престанува со навршување 64 години возраст и 15 години пензиски стаж заклучно со 30 јуни, 2022 година, доколку таквата можност е предвидена со посебен закон. За ова се усвоени и соодветни измени и дополнувања во Законот за здравствената заштита со воведувањето на новиот член 204-а  во 2021 година, тврди Синдикатот.

Според проценките, доколку Министерството за здравство остане на ставот дека пензионирањето треба да се изврши со навршени 64 години тогаш ординациите во Клиничкиот центар ќе треба да ги напуштат околу 80 лекари – специјалисти.

-Општествената оправданост на овие измени и дополнувања е повеќе од очигледна, имајќи ги во предвид постоечките состојби во здравството поврзани со обемот на работата и оптеретеноста на здравствените работници и соработници и хроничниот проблем на недостиг од квалификуван здравствен персонал, а сето тоа, во врска со потребата за обезбедување непрекината, континуирана и квалитетна здравствена заштита, потенцираат од Синдикатот.

Претходна вестКовачевски: Историските прашања не можат да бидат критериум за преговарачката рамка со ЕУ
Следна вестМурал во центарот на Скопје ќе ги потсетува родителите за важноста на вакцинацијата на децата