Ковачевски: Историските прашања не можат да бидат критериум за преговарачката рамка со ЕУ

Историските прашања не можат да бидат критериум за преговарачката рамка и во преговорите со ЕУ или со која било организација. Нема да дозволам прифаќање на идеи кои што не прават јасна заштита на македонскиот јазик и идентитет, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски. Тој во македонскиот парламент така одговори на пратеничкото прашање на пратеникот Александар Николвоски од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Николовски го праша дали ќе поднесе оставка затоа тоа што Македонија е пред национална катастрофа поради штетниот по националните интереси францускиот предлог за решавање на спорот со Бугарија.

Ковачевски рече дека дека нема шанси да прифати идеи кои не го заштитуваат македонскиот идентитет.

-За мене, за претседателот на државата, за коалициските партнери и за граѓаните не се прифатливи идеи кои што не прават јасна заштита на македонскиот јазик и идентитет и кои што во мултилатерални преговори со ЕУ ќе бидат исклучиво за прашања поврзани со мерит – системот, односно да нема билатерални прашања во мултилатерални рамки. Уште еднаш пред вас повторувам дека историските прашања не можат да бидат критериум за преговарачката рамка и во преговорите со ЕУ или со која било организација. Преговорите со ЕУ мора да започнат со одржување на меѓувладина конференција пред да бидат отполнати измени на Уставот за внесување на Црногорците, Хрватите или Бугарите во преамбулата. И ЕУ и Бугарија ќе треба да изнесат гаранции дека нема да има други барања во однос на нашите интегративни процеси. Ако биде така, подготвени сме да разговараме. Како и секоја друга држава, така и ние треба да влеземе во ЕУ со сите наши различности кои ќе бидат почитувани, како што ние ги почитуваме туѓите различности, рече Ковачевски.

Тој рече дека сега не треба да има предвремени парламентарни избори бидејќи не се во интерес  на граѓаните во овие услови. Потоа тој  возврати со напад на ВМРО-ДПМНЕ на истата тема, споменувајќи дека во Резолуцијата на Европската народна партија се негира идентитетот на македонскиот народ, а таму присуствуваше највисока делегација на ВМРО-ДПНЕ, но не видовме изјава дека се спротивставиле.

-Ние ги браниме интересите пред 27 земји на ЕУ, а вие не се изјаснивте. Сите граѓани се борат за својот национален интерес и гордост. Ние во Брисел го кажавме тоа што требаше да се каже, без да навредиме кого било, ниту дома, ниту надвор од земјава, рече Ковачевски.

Претходна вестБислимовски: За 98,8 отсто од домаќинствата просечната цена на струјата ќе се зголеми за 7,4 отсто
Следна вестСиндикатот на Клинички центар:  Неоправдано е непродолжувањето на договорите на здравствени работници кои наполниле 64 години