Синдикатот на УКИМ бара годишно зголемување на платите за 25 проценти, Владата ќе прави анализа

Барањето за годишно зголемување на платите за 25 проценти во наредните 4 години е изнесено на денешната средба меѓу владата и Синдикатот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, најголема високообразовна институција во земјава. Просечните примања на еден професор во оваа, една од клучните високообразовни институции во земјава, изнесуваат 650 евра

-Побаравме и зголемување на издвојувањата за науката науката зашто процентот што се издвојува за наука е многу мал. Не може да очекувате да бидете рангирани на шангајската листа ако имате минимални издвојувања за истражувања. Нема елементарни услови за работа – нема пристап до бази, обезбедување литература, гостување во странство. Како вие ќе отидете со 650 евра во Лондон или во Париз, не можете да отидете ниту до Ниш на една конференција, изјави по средбата Ангел Ристов, претседател на Сојузот на синдикатите на УКИМ.

Владиниот тим – премиерот и министрите за финансии и образование, на состанокот кој поминал позитивно, покажал разбирање за барањата на синдикалците, но и побарал дополнително време за пресметки аргументирајќи дека е тешка економска ситуација. Како што информира владината прес-служба, од страна на премиерот и министрите истовремено било побарано од Синдикатот да се направи реорганизација на факултетите и воведување нови атрактивни студиски програми, кои ќе ги зголемат сопствените приходи на високообразовните установи.

Ристов рече дека заклучиле дека од страна на Владата постои политичка волја да излезат во пресрет на барањата на синдикатот.

-Побараа да направат дополнителни пресметки зашто во периодот што доаѓа е донесувањето на Буџетот за новата година. Така што, во некое блиско време повторно ќе имаме средба на која ќе бидеме повикани и очекуваме, конечно, да биде позитивно одговорено на нашите барања. Затоа што ако држава не инвестира во високото образование, во науката, тогаш таа држава нема иднина, изјави Ангел Ристов.

Претходна вестВладата ќе плати за раскинувањето на договорите за седум мали хидроцентрали во Шар Планина
Следна вестЕСМ и Адора се договорија за закупот на топланите, скопјани од 15-ти октомври ќе имаат парно