Системот се гуши од неадекватни закони и превработеност со најчесто некомпетентни кадри

Мелпомени Корнети, новинар, културен деец и дипломат, смета дека во досегашниот развој на Македонија се направени повеќе грешки…

о Кога ќе кажете Македонија, кои мисли и слики први Ви се појавуваат?

-Пред 20, 30- тина години одговорот ќе беше: прекрасна земја со неверојатна природна разноликост, со големи можности за развој и таленти по глава на жител, земја на племенит народ со богата традиција. Денес поимот Македонија ми предизвикува болка и копнеж за решителен пресврт.

о Кои се најкрупните 2-3 грешки кои се направија во Македонија во последните 30 години?

-За жал, има многу повеќе од 2-3 грешки.

Изборот на водство, главно од “дебитанти” без државнички капацитет, преку кои започна грабежот на државата и народот, со начинот како се приватизираше општествениот имот.

Освен првата, експертска влада и во поново време и’ требаше непартиска влада која ќе се насочеше на решавање на клучните проблеми. За жал, тоа не се случи, Македонија остана заложник на меѓупартиско тргување со непристојни уцени врз суштината на унитарноста и како што една од претседателските кандидатките вели – жртва на “фаталниот” триаголник: ОРД, Преспанскиот и Договорот со Бугарија.

Манипулацијата со просторното и урбанистичко планирање, злоупотребата на природните вредности и ресурси и деградирање на урбаниот простор.

Деградирани се многу витални институции, меѓу кои и Македонската Радиотелевизија, која мораше да израсне во вистински јавен сервис на граѓаните

 о Граѓаните даваат и плаќаат даноци, но дали властите доволно и даваат на државата?

-Во одредени периоди, да, државата Македонија функционираше, веројатно потпирајќи се на наследството од поранешната федеративна заедница, а потоа, до 2010 реализирајќи одредени реформи по европски терк. Денес системот се гуши од неквалитетни законски решенија, во превработеност од партиски кадри, најчесто некомпетентни, неподготвени за вистинските потреби и функцијата на државната администрација. Таквата пракса го исцрпува и државниот буџет, на штета на стопанството/ продуктивното население, кое го полни буџетот.

о Дали Вие доволно и дадовте на Македонија?

– Простете, но, да им го поставите ова прашање на неколку премиери, министри или на пример, на последните скопски градоначалници?!! За мојот придонес би требало други да одговорат – тие што ја следеле мојата работа и ги посведочиле резултатите. Зашто, иако верувам дека доверените задачи одговорно ги извршував, тоа треба да се објективизира. Кај нас, за жал, нема метод за таква валоризација.

Инаку, жалам што не сум била во позиција, не сум образувана за тоа – да придонесев за развој на земјоделието. Денес се чини помалку се мисли на унапредување на производството на храна, а повеќе на фотоволтаиците, со кои неповратно се уништува земјоделска почва, иако местото им е во планински предели и неплодно земјиште.

о Што Ви недостасува а, што би одзеле од државата?

-Ми недостасуваат многу нешта, сведени на ентузијазам, заедништво, задоволство од животот, функционалност и спокојство. Посебно, ми недостасува политика за враќање на животот во селата. За ова постојат начини па и финансиска поддршка од европски фондови, но повеќето влади досега не се ни осврнаа на ова прашање.. А знаеме колку губиме со немањето рурална политика – и на демографски и на економски план/во производството на храната туризмот, старите занаети, народната медицина итн…

Што би одзела? Речиси е невозможно, но – би го исчистила целиот прекумерно изграден простор, кој го окупираа вишокот станбени објекти во Скопје и во други градови. Во недостаток на креативни и рационални идеи за урбаниот развој и инфраструктурата и вложување на заштедите на граѓаните на продуктивен начин, со неконтролираното, непланско градење,  Македонија се претвора во бетонска џунгла.

 

о Во каква Македонија сакате да живеете?

-Општо, го посакувам тоа што и мнозинството наши сограѓани, содржавјани: во Македонија на вистински вредности, на социјална правда, без корупција, која би привлекла назад многумина од армијата иселени. Почитувана држава која со свои сили, суверено ќе ја креира иднината, ослободена од догмата – без алтернатива.

Посебно, би сакала Скопје одамна да престанеше да се шири, а за тоа сум се залагала и како студент, па дипл. архитект, и како дамнешен член на Советот на Град Скопје и потоа, низ дејствување – партиско и во граѓански здруженија. Повеќе од јасно е дека поради немањето развојни визии за просторното планирање и за демографијата, Скопје ги апсорбира селата и другите градови, а самиот главен град го загуби квалитетот на животот, ја загрози својата инфраструктура, а пред се’, ја анулира предноста на својата природна положба – котлина меѓу две планини, со две реки, близина на природни реткости/ како Матка, Катланово итн…

Наместо тоа, имаме недостаток на јавни објекти, хаотична разместеност на државните институции, продадени капитални локации во спрегата меѓу корумпирани политичари и градежната мафија, а животот во згради без аерација, зеленило, простор за социјален живот, згради од кои прозорците можат да гледаат во соседните туѓи животи, се плашам да кажам, може да не’ одведе кон урбана социо- патологија, да не зборуваме за загрозеното физичко здравје.

Разочарувачки е заклучокот, дека со мали исклучоци, во овие три и нешто децении, раководството на државата не покажа дека мисли на народот, а камо ли да си го сака!!! Но, јас верувам во запирање на овој деградациски процес. Мислам дека апатијата ќе се замени со отрезнување и враќање на рефлексите за активно учество, за поединечен придонес во обликување на државата. Радува видливата мотивација кај младите, со нови идеи, наспроти досегашната политичка и социјална инерција.

о Со што најмногу се гордеете во нашата земја?

-Пред се’, со историското минато, импресивното културното наследство, фолклорот, а посебно со македонската револуционерна традиција и блескави личности кои во невозможни услови успеаа да постават темели на македонската држава.

Се гордеам и со инвентивноста и достигнувањата на вредни и талентирани поединци во науката, уметноста, во спортот, наспроти тешките услови, опструкции и отсуство на очекувана поддршка од системот. Многумина такви, неможејќи да го реализираат својот потенцијал, за жал, ја напуштија својата татковина Македонија.

 

Претходна вестВанковска: Ние припаѓаме на Европа, но не и на Европска Унија
Следна вестОд Битола почна дистрибуцијата на гласачките ливчиња