Моите противкандидати велат ќе ја направеле европска Македонија. Целава приказна за ЕУ јас сакам да ја боцнам како балон и да се види дека зад таа приказна нема бајка, порача синоќа од Битола претседателскиот кандидат на „Левица“, Билјана Ванковска. Од митингот во Битола Билјана Ванковска упати пораки дека е среќна што токму Битола е местото кое и ја дало најголемата поддршка за време на собирање на потписите. Рече дека таа победа ќе се преслика и во среда низ целата Република.
– Велат ќе го славеле 9 мај – Денот на Европа. Тоа е измислена работа. 9 Мај е Ден на победа над фашизмот. А, Битола градот на Стив Наумов, не трпи фашизам. Денес ние се соочуваме и со неофашизам, рече Ванковска.
Зборувајќи за ЕУ истакна дека нејзиниот прв човек тоне во корупција исто како и цела ЕУ. Тие мижат пред своите најкорумпирани елити, а кај нас бараат ветинг. Вели дека оние кои што тонат во корупција нас сакаат да не прочистат.
– Јас не велам дека ние не припаѓаме на Европа. Напротив, ние припаѓаме на Европа, но не и на Европската унија. Ми замеруваат дека многу сум зборувала за Палестина, за Газа. Па зарем она што нас ни го направија со Преспанскиот договор не е геноцид. И уште утре, на соочување, ќе треба да се објаснува дали сум про ЕУ или анти ЕУ. Не, јас сум про Македонија. Јас сум про македонска сила, истакна Ванковска.