Би направил трамвај за да јавниот превоз биде функционален. Но, не би продолжел со градба на нови згради. Новите градби се веќе надвор од умот. За жал, кај нас како да е предоцна за се, направена е каша – попара, вели Георгиевски
Музичaрот Петар Георгиевски-Камиказа посакува на градот веќе да не му се случуваат грешките кои досега се правени.
Кога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики Ви се појавуваат?
-Водно и Кеј. На Водно ги имам поминато најубавите години. Секако и одење преку Водно до Матка. Мислам дека во една година, веќе не се сеќавам која, јас и уште тројца пријатели – Ирена, Дине и Зоки – сме оделе вкупно 100 пати од Центар преку врв на Водно па до Матка. А најчесто со нас доаѓаа и други пријатели. Тие незаборавни дружења и прошетки завршуваа во „Мечкина дупка“. А на Кеј сум секој ден – возам точка, трчам, се подготвувам за маратони… Но веќе со години Кејот е прекинат со оградите кај МЕПСО, за мостот што се прави, со галиите…
Кое Скопје го сакате повеќе: Ова сега или тоа од порано?
-Сите кои сме во постари години сме носталгични по старото Скопје со кое има емотивна поврзаност. Но, и во новото Скопје има проекти кои донесоа практично подобрување. Изградбата на булеварот „Илинденска“, на пример, значително го зголеми протокот на сообраќајот и ја растовари „Партизанска“. Жал ми е што на неа веќе ги нема старите липи по кои градот е препознатлив, но проширувањето на улицата го бараше тоа. Знаеме сите колку Скопје е препознатливо по липите, жално е што не се садат веќе.
Скопје и скопјани даваат и плаќаат, но дали институциите и градоначалниците доволно му даваат на градот?
-Поточен одговор е дека го крадат градот. Го крадат и едните и другите партии, наместо да го градат. Која е другата заднина од бескрајното повторување на поставување на плочките, па нивното вадење, па ставање на бекатони, па пак менување…
Јас не сум приврзаник за уривање на она што е веќе направено. Нека тоа си остане, за да и следни генерации видат она што било направено и што не чини. Нека оценат следни генерации што не чинело. Во спротивно, ќе ни се случува да едниот краде со тоа што го гради, а друг ќе краде со тоа што ќе урива. А парите се на граѓаните.
Дали Вие доволно му дадовте на градот?
-На секој момент сум му нудел и сум сакал да му го дадам најдоброто од себе. Среќен сум заради концертот на „Меморија“ кој беше прогласен за концет на деценијата во Скопје. За својот град сум трчал куп маратони, вкупно 99 – ултра, класични и полумаратони. Како актер, пак, сум настапувал насекаде. Се за својот град и земја.
Со што најмногу се гордеете во Скопје?
-Смешно ќе звучи, но една од работите со кои своевремено почнав да се гордеам беше тоа кога се направи источен влез во Скопје, како автопат. Постарите ќе се сетат дека дотогаш од таа страна во Скопје со возилата се влегувало по онаа мала уличка во Ќерамидница.
Се гордеам и со тоа што се обнови Стариот театар. Како уметник, среќен сум што со тоа минатото се врати во сегашноста, се потврди она што се викало национален театар и на чија сцена настапуваа еден Прличко, Џувалековски… Сите наши значајни актери проистекоа од тој театар. Се гордеам и со кафеаната „Пелистер“ која си остана на исто место и која заслужува статус на Градска кафеана
Што Ви недостасува во градот, а што би одзеле?
-Ми недостасува едно отворена кино-сала каква што, на пример, ја имавме во Градскиот парк, еден Луна – парк што сме го имале во детството, една голема концертна сала и реконструкција на Универзална сала која е историски објект. Ми недостасува и комплетна реконструкција на нашите училишта.
А што е вишок? Кажав, не сум за уривање. Утре нека знаат сите кој го изградил оној постамент за споменикот на Мајка Тереза, кој требаше да е на друг простор, нека остане Триумфална порта за да биде опомена која не треба да се повтори
Преголемо ли е Скопје за Вас, треба ли да расте или да се намали?
-Да се намали не може. Две третини од Македонија веќе живеат во Скопје. Градот е веќе пренатрупан и заради тоа ни умираат селата, а ние во ова што сме не можеме да одиме. Во една таква ситуација потребни ни се инфрастуктурни проекти. Јас, на пример, би направил трамвај за да јавниот превоз биде функционален. Но, не би продолжел со градба на нови згради. Новите градби се веќе надвор од умот. За жал, кај нас како да е предоцна за се, направана е каша – попара. Сега веќе и не може да се урива. Барем од сега натаму да му дадеме пат на градот за да не биде бетонско ругло.