Не е изгласана одлуката за давање на субвенција од 11 милион евра на ЈСП „Скопје“ на денешната седница за Советот на Град Скопје, а што беше услов за да вработените го прекинат протестот со запирање на градскиот превоз. На гласањето со 22 гласа „за“, ниту еден глас „против“ и 11 „воздржани“ предложената одлука не можеше да биде прифатена бидејќи недостасуваше уште еден глас за да биде изгласана со потребните 23 гласа.
– Одлуката за давање субвенции не е донесена. Со тоа дневниот ред на седницата е исцрпен, кажа претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески.
Ова предизвика револт и незадоволство на претставниците на вработените во ЈСП кои присуствуваа на седницата. Првиот човек на синдикатот, Миќо Стојановски, надвор им соопшти на вработените дека предложената одлука со која требаше да им се исплатат декемвриските плати не е прифатена, а тие одговорија дека дефинитивно нема да ги возат автобусите кои утринава во 9 часот ги паркираа во гаражите на претпријатието.
Инаку, во текот на седницата се случуваше препукување меѓу советниците од ВМРО-ДПМНЕ и скопската градоначалничка Данела Арсовска. Од ВМРО-ДПМНЕ на говорницата соопштуваа дека нема да гласаат за давање на субвенција бидејќи Арсовска и директорот Крсте Петревски не знаат да менаџираат со претпријатието.
-Во ноември ви дадовме пари за субвенции за плати за ноември и декември, каде се тие пари, кога сега пак барате средства за декемвриска плата, рече Малиша Станковиќ од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
Арсовска, пак, ги обвини советниците на ВМРО-ДПМНЕ, дека намерно креираат проблем, за потоа да го решат и да се доживуваат како месии.
-Одлука за доделување субвенции на јавните претпријатија досега можевте да донесете три пати, сосе денешниот четири, но тоа намерно не го правите за да создадете проблем. Намерно креирате криза за после, демек, ја решавате. За точкава не зборувате затоа што нема што да кажете и само лажете. Кога бевте опозиција гласавте за субвенции, сега не гласате, кажа Арсовска.
Директорот Крсте Петревски рече дека исплатена е плата во ноември и во декември, но дека пари во јануари нема. На протестот се приклучија и приватните превозници бидејќи и тие немаат добиено пари од ноември.