Театарскиот и филмски режисер Срѓан Јаниќиевиќ смета дека развојот на Скопје не оди во добра насока, но и дека односот на граѓаните кон сопствениот град е извор на многу проблеми.
Кога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики Ви се појавуваат?
–Реално тоа е цел период. Го памтам Скопје од детството, Скопје во лудите деведесети многу добро (не) ги памтам, и ова Скопје денес. Сите слики ми се врежани во глава. Но кога треба да ја кажам убавата слика од Скопје (барем за мене) тоа е она Скопје од детството. Бруталистичката архитектура, најверојатно поради футуристичкиот дух, уште од дете ми била крајно возбудлива. Живееш во Скопје, а се чувствуваш како да си од некоја друга просторно временска димензија, од некоја алтернативна историја
Ако го погледнеме сега Скопје што ќе видиме? Немам ни сила да го објаснам ужасот. Не сакам ни да навлегувам во естетски категории. Загадено е на сите нивоа, и тоа најмалку зборувам за воздухот. Град во кој мнозинството како да го мрази својот дом. Профитабилен турбо примитивизам. Дури и тие што вистински го сакаат градов го нарекуваат Скопјенце. Како осакатено маче да е во прашање.
Кое Скопје го сакате повеќе: Ова сега или тоа од порано?
–Па мислам дека јасно одговорив на ова во претходното прашање. Она Скопје што јас го сакам сега е затворено во мали да ги наречам слободни зони создадени од луѓе кој го сакаат слободно, солидарно и космополитско Скопје. Но и тие простори примитивизмот насилно ги окупира. За среќа гледам некои обиди дел од таа територија да се зачува, но се уште тоа ми делува повеќе на ниво на ентузијазам од колку на организиран концепт.
Скопје и скопјани даваат и плаќаат, но дали институциите и градоначалниците доволно му даваат на градот?
–Не сакам да генерализирам за сите институции и градоначалници. Генерализацијата е убиец на здравото критичкото мислење. Сите се добри или сите се лоши? Тоа не постои. Еве, на пример, МКЦ е градска институција која работи далеку подобро и од можностите. Некои градоначаници многу позитивно изненадија со иницијатива и посветеност, додека други целосно разочараа со своите (не)дела, инертност, но и со немањето никаков слух за потребите на жителите во нивните општини. Од друга страна пак, прашање колку скопјани даваат. На пример, некои скопјани земаат и го грабаат Скопје. Ги окупираат тротоарите, парковите и јавните места. Скоро и да нема тротоар кој не е окупиран од автомобили. Еве во мојата улица повеќе од година дена гледам седум автомобили (и бројот расте) кои очигледно се за старо железо оставени на означени паркинг места. По големите булевари и паркови секој ден може да видиш како некој вози крајно ризично по пешачки зони. Голем дел од угостителските објекти буквално го крадат јавниот простор насилнички и вулгарно. Така што и скопјани знаат многу грдо да се однесуваат со својот дом. И никој не интервенира.
Дали Вие доволно му дадовте на градот?
–Не знам. Најверојатно не сум јас тој кој треба да одговори. Неколку пати во мојата работа го имам критикувано Скопје како предупредување за тоа што (ќе) му се случи, што има вознемирено повеќе луѓе, дури и закани читав во некои други времиња.
Преголемо ли е Скопје за Вас, треба ли да расте или да се намали?
–Реално не гледам каде да порасне. Јас немам никаков проблем со растење на градот, ама ако тоа некој некогаш го правел плански. Сега овој град не расте туку се компресира и тоа ќе доведе до експлозија. Нема инфраструктура на толку мал простор да се набијат толку луѓе. А проблемот не се решава туку на против се зголемува.
Што Ви недостасува во градот, а што би одзеле?
–Големите зелени површини што некогаш ги имаше, но никој не се грижеше за нив. Поради тоа и ни се случи оваа катастрофа. Не забележавме какво богатство имавме па лесно беше да се уништи. Сега треба да се најде начин како тие зелени површини да се вратат што е многу потешко, дури и неизводливо. Затоа мислам дека тоа малку простор кој е останат мора да се заштити и претвори во зеленило и да се стави мораториум на градење за секогаш.
Во какво Скопје сакате да живеете?
–Скопје кое е сакано од жителите. Ако почнеме да го сакаме овој град (што искрено не е лесно во овој момент) храбро ќе се бориме да го направиме далеку поубав и подобар и пред се поздрав за живеење.