Синоќа, после 20 часот во Скопје можеше да се дише единствено ако сте дома и имате прочистувач на воздухот. Надвор, ниту маска ниту шал не помага макар и за најкусите релации. Но многу скопјани имаа обврски па мораа да се надвор…
Иако синоќа беше една од најзагадените ноќи во Скопје, ниту еден од надлежните не најде за корисно да каже некој збор, да објасни дека барем нешто се работи на тема спречување на загадувањето, да опомене… Инаку фактите зборуваат дека според мерењето на загадувањето во 21 часот, прва на ранг листата најзагадени е Лисиче, со измерени 441 мг/м3 ПМ10 честички, по неа од скопските општини е Центар, па Карпош…Најстрашното соочување со реалноста е кога ќе се пресмета дека максималната дозволена граница на ПМ10 е 50мг/м3.
Дека оваа година аерозагадувањето повторно покажува критични бројки, особено во главниот град, нагласуваат од невладината организација Еко Свест, кои 18 години апелираат за подобрување на односот кон животната средина како од државата, така и од граѓаните.
– Потребно е ние граѓаните да се бориме аргументирано со цел институциите да заземат поголем интерес во решавање на овој голем проблем. Тоа значи дека од институциите се бара стратегија за праведна енергетска транзиција, зелени алтернативи за транспорт, како и праведни законски регулативи за ефикасно загревање на домаќинствата, истакнуваат од Еко-Свест.
Одговорите на прашањата: зошто на загадувањето надлежните мислат само пред избори, кога го сместуваат во своите програми нагласувајќи го како врвен приоритет, а потоа го забораваат? Зарем и тие не го дишат истиот отровен воздух?, остануваат енигма…