Власта си ја тера замислата околу уставни измени иако опозицијата тоа не го прифаќа, а и анкети покажаа дека голем дел од македонските граѓани се против. Владата не се подзамислува ниту на фактот дека немаат подршка од 80 пратеници.
И така, вкупно 23 членови до сега се собрани-одбрани во Работната група која што треба да го подготви предлогот за уставни промени. Па дури и претседател си избраа. Ќе заседаваат, ќе расправат, ќе решаваат…
А реално ако се погледне задачата, гледано технички, не е толку сложена бидејќи внесувањето на припадниците на Бугарите во Преамбулата и некои други поситни промени не бараат големи промени во Уставот. Да не зборуваме дека голем дел од јавноста бруи како амандманите веќе се напишани на друго место.
Сепак се формира голема Работна група, па се поставува прашањето мораше ли да биде многубројна. Прашање има и зошто ако веќе се прави толкава група во неа се чини има најмалку токму уставни експерти?
Може на власта и било важно пред јавноста да претстави дека Работната група ги одразува сите општествени структури, односно, дека зад она што ќе биде напишано стои поширок општествен консензус. Меѓутоа, без присуство и со бојкотот на опозицијата, јасно е дека таа теза не е издржана.
А ако беше до бројката, тогаш Работната група немаше ли да биде уште поуверлива ако ја составеа од 2.223 членови, а не само од 23 лица предложени од партии институции, како и експерти? Ем ќе оставеа впечаток дека уставните промени се неизбежни, ем ќе згрижеа некој соодветен кадар.
ПС Инаку, дел од 23-те избрани членови ќе работата за соодветен паричен надомест, а некои ќе работат бесплатно.