Словенец на патот Кичево – Охрид…

Бев во Охрид пред четири години, сега решив пак да дојдам затоа што е многу убав градот и езерото, ама се покајав – не ми се веруваше дека патот пак ќе биде истиот – раскопан, недонаправен, со дупки – исто како и кога претходно доаѓав. Барем си даде ли оставка вашата влада поради оваа несериозност?

Ова вчера во Охрид во случаен разговор ни го истакна Словенец кој со сопругата и децата се шеташе кај Плаошник.

Што да му одговориш на овој турист? Дека нашата Влада многу гради и дека грешен му е впечатокот? Да му покажеш македонски портали и весници каде министрите сосе премиерот сегашен и оној претходниот кажуваат дека се направени стотици и стотици километри нови патишта низ Македонија?

Еве на пример да му се даде на Словенецот да прочита како во мај министерот за транспорт и врски Благој Бочварски истакнува дека очекува десната автопатска лента од Требеништа кон Охрид да биде комплетно завршена и пуштена во почетокот на август месец оваа година, а левата лента до крајот на годината. Нека види разочараниот турист дека нашите министри не даваат оставки туку работат напорно. Впрочем Бочварски рече дека делница од Кичево до Охрид е врвен приоритет на државата и повеќе не се прифаќа пролонгирање на роковите за изградба на овој автопат.

Зарем на зборот функционерски да не му се верува?

Сепак се решивме за друг тип на одговор – ја сменивме темата за историските убавини на Охрид: дека на Плаошник имало универзитет пред многу столетија, дека тогаш многу се градело и работело…, и така го привршивме краткиот муабет.

Ама остана прашањето од Словенецот – ќе даде ли некој министер оставка поради „легендарното“ градење на патот Кичево – Охрид. Еве дојде август, зошто не е ниту близу од готова барем делница Требеништа – Подомоље – Охрид? Па тоа е делница на рамен терен која е долга само малку повеќе од десет километри.

За потсетување: Изградбата на автопатот стартуваше во 2014 година и според првиот договор, изградбата на автопатот требаше да биде завршена во 2018 година, но по промената на власта со Анекс на Договорот, рокот беше пролонгиран за 30 јуни 2021 година, со образложение дека имало пропусти во проектирањето.

Претходна вестВечерва се отвора манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“
Следна вестОпштина Аеродром: Возила од други градови истовараат кучиња-скитници на наше подрачје