Слупчанци самоволно чепкале во струјата па и граничниот премин „Табановце“ го оставиле во мрак

Шест соседни села но и граничниот премин „Табановце“ вчера попладне остаанле без струја откако жителите на липковското село Слупчане самоволно чепкале по трансформаторот и електро-мрежата. Информацијата ја потврди ЕВН, од каде што додаваат дека снабдувањето со електрична енергија на граничниот премин е обновено.

-Само пред неколку десетина минути повторно извршиле манипулации во мрежата и предизвикале дополнителен дефект поради што без снабдување остана граничниот премин „Табановце“. Снабдувањето на граничниот премин со електрична енергија сега е нормализирано, соопшти синоќа ЕВН.

Без струја останале селата Оризаре, Ваксинце, Алешевце, Руница, Извор и Белановце.

Неодамна, жителите на Слупчане ги уништија трафостаниците за снабдување со електрична енергија и направија дефект од највисок степен, поради што жителите од селото и пошироко останаа без струја.

-Дефектот во снабдувањето со електрична енергија во село Слупчане е резултат на континуираното незаконско користење на електрична енергија. За жал, и дел од селата кај Липково се зафатени и се соочуваат со прекини во снабдувањето. Екипите за дистрибуција на електрична енергија при вршење на редовни работни активности или санирање на дефекти во ова село често се соочуваат со вербални и физички напади. Истото се случи и денеска. Сè додека не е загарантирана безбедноста на работниците на Електродистрибуција и се создадат нормални услови за работа, нема да вршиме редовни работни активности или да работиме на отстранување на дефекти, информираат од ЕВН Македонија.

Во меѓувреме, месната заедница од селото се обрати до ЕВН со барање да им се простат сите досегашни долгови од по неколку илјади евра по домаќинство, во иднина да не им се фактурираат сметки над 3.000 денари без разлика колку ќе потрошат, верските објекти да бидат ослободени од плаќање итн.

Претходна вестСончево со малку облаци и посвежо
Следна вестАрсовска: Во изминатите две децении последните два генерални урбанистички планови не биле во целост почитувани