Со броење на новозаразени и намалени мерки ли се стивнува силниот бран на вирусот?

Вториот бран на корона вирусот е посилен од првиот. Ова го потврди и министерот за здравство Венко Филипче.

Она што го гледаме сега во Македонија е загрижувачко. Поуката што треба да ја извлечеме е дека до ноаѓање на вакцина, не смееме да се опуштаме, истакна вчера претставникот на СЗО Фабио Скано.

И по ваквите зборови на двајца водечки здравствени работници кои се задолжени за борба со епидемијата што да очекуваме освен преземање нови мерки, растрчани институции, поодговорни граѓани… Ама дали е така?

Ново предупредување дека не е време за олабавување на мерките и за спуштање на градот добивме вчера од претставникот на СЗО. Тоа дојде во ситуација кога последниве денови пак се регистрира зголемен број на заразени, на починати пациенти. Дневната бројка на новоинфицирани не се намалува, секојдневно се движи меѓу сто и двесто лица, а на починатите околу десетина. Црниот биланс на починати драстично расте во последните десетина дена кога починаа 64 пациенти. Тоа е четвртина од вкупната бројка на починати од 265 пациенти откако е почната епидемијата на корона вирусот во наша земја.

Скано рече не е време за олабавување на мерките на ден кога се потврди дека од денеска следи и отворањето на границите без поригидни протоколи. Испадна дека битката против вирусот како да се сведе на само три мерки – носење маски, дезинфекција и држење на дистанца. Тука се и протоколите за работа на угостителски и други објекти, забрани за групирања…

Дали е тоа и доволно треба да кажат надлежните кои порано и на многу помал бран воведуваат разни построги мерки и протоколи. А, ако веќе трите општи мерки се главни, тогаш барам да се работи на нивното целосно почитување и примена. Нема ден а на социјални мрежи да се појават фотографии од масовни групирања – од свадби со по стотина лица, поламатурски прослави, родендени…

Дали битката против корона вирусот и вториот силен бран се сведе на три мерки и на собирањето на бројките од билтените за заболени?

Па знаеме ли во Македонија што е дигнат, а што спуштен гард?

Претходна вестБоки 13 поднесе 11 кривични пријави против десетици функционери, политичари, бизнисмени…
Следна вестВојна меѓу Филипче и Зибери, сепак ќе има ли смена на директорот?