Боки 13 поднесе 11 кривични пријави против десетици функционери, политичари, бизнисмени…

Имиња на десетици функционери, политичари, дражавни службеници, болнички менаџери и бизнисмени се наоѓаат во вкупно 11 кривични пријави кои денеска Бојан Јовановски – Боки 13 ги поднел во Скопското јавно обвинителство. Неколку часа траело поднесувањето на пријавите за тешки кривични дела, кои, според неговиот адвокат, не се поврзани со случајот „Рекет“ во кој Боки – 13 неодамна беше осуден на девет години затвор.

– Станува збор за кривични дела измама, злоупотреба на службена положба и овластувања, давање на лажен исказ, противзаконито влијание, за несовесно лекување и други. Во секоја пријава има различен број на пријавени лица. Доставивме и доказен материјал. Сметам дека обвинителството ќе бара дополнителни информации и докази и од други државни институции и обвинителства каде може да се најдат определени сознанија за изнесеното во пријавите и така да се провери она што е кажано во нив, истакна Сашко Дуковски, адвокат на Боки-13.

Според Дуковски, пријавите не може да го сменат правниот статус на Јовановски ниту во вториот случај „Меѓународен сојуз“ каде е првообвинет и каде допрва ќе има судење.

На неодамнешното изрекнување на пресудата во случајот „Рекет“ Јовановски рече дека екс премиерот Зоран Заев и неговиот брат Вице се лица каде завршувале пари од рекет во државата. Ова Заев го негираше со изјава дека Јовановски лаже поради тоа што како премиер го пријавил случајот.

Претходна вестДве жени каснати од куче – скитник, Градот ќе ја отвори ли „Лајка“?
Следна вестСо броење на новозаразени и намалени мерки ли се стивнува силниот бран на вирусот?