Со Третата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ) на која ќе учествуваат над 40 странски македонисти од 17 држави ќе започне чествувањето на големиот јубилеј – 100 години од раѓањето на великанот на современата македонска литература и култура, Ацо Шопов. Школата ќе се одржи виртуелно, од 23 до 28 јануари 2023 година и веќе е традиционална програмска активност на МСМЈЛК при УКИМ, која годинава ќе биде во чест на Шопов. Таа е и првата активност што се спроведува од низата опфатени и со националната програма „2023, година во чест на Ацо Шопов“.
На Школата се пријавени учесници од: Кина, Виетнам, Соединетите Американски Држави, Австралија, Турција, Полска, Словенија, Чешката Република, Унгарија, Грција, Бугарија, Романија, Молдавија, Руската Федерација, Хрватска, Србија и Босна и Херцеговина. Покрај веќе познати имиња од славистичкиот свет – посветеници на македонистиката, меѓу кои се и универзитетски професори, истражувачи, како и веќе познати книжевни преведувачи, на Школата се очекува бројно учество на понови кадри, вклучително и студенти на прв циклус студии решени да го изучуваат македонскиот јазик, од кои дел за првпат ќе учествуваат на школа на МСМЈЛК при УКИМ. Интересот на понови кадри континуирано да ги продлабочуваат своите познавања од областа на македонистиката, како и интересот од забележлив број учесници кои штотуку започнаат да го учат македонскиот јазик и за првпат учествуваат на школа на МСМЈЛК при УКИМ, укажува на перспективите за натамошниот развој на странската македонистика, во кои се потребни и натамошни вложувања.
Одделно радува што и преку ова издание на Зимската школа се потврдува дека веќе станува континуиран интересот за македонистиката на семинаристи од држави од кои претходно повеќе години немаше учесници на школи на МСМЈЛК при УКИМ. Но исто толку и што ќе има учесници од универзитетите на кои изминатиот период се поставија цврсти темели за изучување на македонистиката – Анкарскиот универзитет на кој минатата година се отворија Лекторат и Катедра по македонски јазик, со што македонскиот јазик покрај во Истанбул ќе биде присутен на академско ниво и во административниот центар на Турција и од Универзитетот за странски студии во Пекинг за кој кон крајот на минатата година за првпат се избра лектор по македонски јазик.
Наставата на Школата ќе биде интензивна, со фонд од по 30 часа во групи според степенот на познавање на македонскиот јазик и интересот искажан од учесниците при пријавување на учеството – основно, средно и напреднато рамниште. Наставата за семинаристите од напреднатото рамниште, во целост ќе биде посветена на поезијата на Ацо Шопов, што се очекува да придонесе за нови исчитувања на неговото творештво на странски универзитетски центри, нови книжевни преводи и можни проекти со кои делото на македонскиот книжевен великан дополнително ќе се афирмира во странските културни средини.
По Третата зимска школа, МСМЈЛК при УКИМ планира и други активности посветени на Шопов во текот на оваа година, од кои дел веќе се опфатени во националната програма „2023, година во чест на Ацо Шопов“.
Инаку, Зимската школа на МСМЈЛК при УКИМ за првпат се одржа во 2021 година, како прва активност во рамките на програмата за одбележување на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески и значајно дополнување на редовните активности на МСМЈЛК при УКИМ, а мината година веќе се потврди дека таа ќе прарасне во традиција, во рамките на остварувањето на мисијата за афирмација и развивање на македонистиката на странските универзитетски центри и воопшто во странските културни средини.