Православните христијански верници денеска го одбележуваат еден од четирите најголеми празници посветени на починатите – Митровденска задушница. Овој празник секогаш паѓа во пресрет на Светиот великомаченик Димитриј, затоа и се нарекува Митровдеска Задушница.
Задушница е секогаш в сабота, ден кој црквата го одредила за помен и молитва за упокоените. На Задушница се оди во црква каде што се служи литургија и парастос. На овој ден се посетуваат гробиштата каде што со молитва, пченица и лепче осветено со црвено вино се изразува помен за починатите. На Задушница верните даваат милостина на сиромашните и се молат за покој на душите на упокоените.
Митровденската задушница секогаш паѓа во саботата пред празникот Митровден. Митровденската задушница е востановена во 14 век и најпрвин била руска традиција, од каде преминала и во повеќето православни цркви. На оваа задушница, во прво време биле спомнувани само православните војници, меѓу кои биле и двајцата монаси Александар Пересвјат и Ослабја од Московската обител на Живоначалната Троица кои паднале на браникот за верата и татковината. Димитриј Јованович Донски, откако ја извојувал победата во битката со Мамаите на Куликовското поле во 1380 година, во која загинале и двајцата спомнати монаси, ја посетил нивната света обител за таму да учествува во извршувањето на поменот за нив. Притоа тој предложил Црквата да го прави овој помен секоја година во Митровденската сабота, односно во онаа сабота која е најблиску до празнувањето на св. вмч Димитриј (08 ноември). Од тоа време Црквата ја приброила оваа задушница во вселенските родителски саботи, а нешто малку подоцна востановила во оваа сабота да се извршува помен не само за паднатите за верата и татковината војници, туку и за сите починати воопшто.
На овој ден свеќи се носат на гробовите, а свештениците вршат индивидуални панихиди и читаат молитви за починатиот. Ако не е можно да се оди на гробот на починатиот, им се служи панихида во црквата. Според учењето на Црквата, на Евхаристијата, верниците се молат во храмовите и гробиштата за упокојување на душите на мртвите, а прават и милостина. На роднините кои дошле на гробиштата им се принесуваат приноси, а ни странците не се одбиваат доколку сами се приближат до гробот. Се смета за голем грев и навреда за мртвите ако некој одбие или дури и избрка од гробот.
За парастос се потребни варена пченица, свеќа и малку вино. Варената пченица се нарекува уште и коливо и таа нè потсетува на воскреснието Христово. Свеќата, пак, ја символизира светлината на вечниот живот кон кого преминува душата на упокоениот. Виното е симбол на Христовата победа над смртта.
Инаку, во црковната година има четири општи помен дена: Задушница пред Велигденскиот пост (пред почетокот на Великиот пост), Духовден (пред празникот Света Троица), Михаилска задушница (пред Михаил) и Митровска задушница (пред Митровден).