Со полиција се затрупува градилиштето зад Универзална, кое проголта дел од улицата „9 Мај“

Со полициска асистенција од утринава се затрупува градилиштето зад скопската Универзална сала, кое неодамна проголта дел од улицата „9 Мај“ кој поминува во непосредна близина. До затрупувањето доаѓа откако ниту два месеци по изреченото решение од општинскиот градежен инспектор, инвеститорот и изведувачот не го вратија земјиштето во првобитната состојба.

Во март, поради необезбедена јама на градилиштето се урна дел од улицата 9 Мај, а жителите од околните згради стравуваа дека и нивните објекти ќе претрпат сериозно оштетување. Поради тоа, Општината го затвори градилиштето, просторот беше ограден со жолта лента, што не претставуваше пречка изведувачот да продолжи со градежните работи.

Општинскиот градежен инспектор тогаш, како што беше соопштено од Општина Центар, им изрече и пет казни на инвеститорот „Бинјапи Инжинеринг“ и на изведувачот „Арадико Коп ДООЕЛ увоз извоз“, во вкупен износ од 12.500 евра во денарска противвредност, за небезбедното градилиште.

Градоначалникот на Центар Горан Герасимовски денеска изјави дека законите мора да ги почитуваат сите.

-Секој оној кој што ќе го прекрши законот ќе биде санкциониран. Тоа се случува и денеска на улицата „9 Мај“. Пред неколку месеци настана проблем од страна на инвеститорот „Бинјапи Инжинеринг“, фирмата која што го има одобрението за градба. Јамата не беше целосно обезбедена според даденото решение, односно зградите не беа целосно заштитени од страна на инвеститорот. Не беа поставени оние тн. „шипови“ кои што се за заштита на целото околно земјиште, вклучувајќи ја улицата и зградите. Наместо -1, направени се -2 спрата. Нашите инспектори и тогаш постапија, ставија жолта лента, беше стопирана градбата, но самиот инвеститор продолжи со градба. Ние како општина после извесен период постапуваме на терен, односно по пишаното решение од градежниот инспектор за враќање на првобитноста на самото земјиште. Истото денеска го спроведуваме, односно го враќаме земјиштето во првобитна состојба, рече Герасимовски.

 

Претходна вестТриумф на македонските одбојкари над репрезентацијата на Белгија
Следна вестЕУ ѕирна низ „шпионката“ и пак ни кaжа колку многу не сака и ќе ни помага