Инспекција во гевгелиската градинка ќе утврдува дали имало насилство или детска игра?

Вонреден инспекциски надзор ќе се изврши днееска во гевгелиската детска градинка „Цветови“ околу случајот со 10-месечнио бебе. Со надзорот ќе се утврдува како настанале повредите кај ова бебе, а кои родителите ги пријавиле во полицијата.

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Ангелина Петкова вчера на прес конференција информираше дека таму имало брутално насилство врз 10 месечно бебе и дека директорката на градинката Елизабета Стефановска се обидела да го скрие случајот.

– Елизабета Стефановска, поставена од министерката Јована Тренчовска молчи и го крие инцидентот. Во вторникот, 22.11.2022 година, во детската градинка „Цветови” во Гевгелија се случил брутален инцидент: 10 месечно бебе заврши во општата болница во Гевгелија со констатирани тешки телесни повреди и хематом на главата. Директорката на градинката се обидела да го прикрие скандалот, наместо да преземе дејствија за санкционирање и да го пријави случајот во полициската станица во Гевгелија. Случајот ден потоа во полиција го пријавил родителот на бебето, соопшти Петкова.

 

Од друга страна, од градинката демантираа дека станува збор за насилство. Велат дека тоа било детска игра и дека веднаш пријавиле до надлежните институции.

-Се работи за детска игра во малата група во клон Цветови каде настанале гребаници на едно од згрижените дечиња. Случајот го пријавивме до надлежното Министерство за труд и социјална политика и очекуваме надлежен инспектор од МТСП да ја посети установата. По извршениот инспекциски надзор ќе бидете известени за стручниот наод. Дотогаш тврдењето на пратеничката Петкова го сметаме за тенденциозно и политички обоено со изнесени невистини за установата. Грижата за децата е наш императив, а во соопштението на пратеничката Петкова е очигледна грижата за одземените ингеренции на градоначалникот на Општина Гевгелија врз ЈОУДГ „Детска Радост – Гевгелија“ од страна на МТСП, токму поради непостапување согласно законските надлежности во сферата на детската заштита што ги има локалната самоуправа, се наведува во демантот.

Претходна вестПриватните превозници на протест, ЈСП „Скопје“ ги префрли автобусите во Транспортниот центар
Следна вестОсуммина поминалне на црвено, шестмина возеле пијани…