Во македонскиот парламент денеска ќе работат само неколку комисии, за нив ќе се скрпи кворум. Но, дали и кога ќе има пленарна седница се уште не се знае. Така е од пред некој ден откако не можеше да се собере кворумот од 61 пратеник да се изгласа законот за попис на население, откако не можеше да започне седницата на која требаше да се расправа за интерпелацијата за вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров и други точки.
Доволно беше да отсуствуваат двајца пратеници од владеачкото мнозинство па да не се собере доволен број на пратеници за да може да почне седницата. Владиното мнозинство за недостиг на кворумот тоа веднаш веднаш ја обвини опозицијата.
-Опозицијата има други интереси, теснопартиски и лични, за да се прикаже државата во лошо светло, поради што трпат институциите и државата, изјави Јордан Митрески, координатор на владечаката СДСМ.
Опозицијата, пак, возврати со тоа дека власта се однесува недемократски.
-Опозицијата е цело време во Собранието и ќе ви дишеме цело време во врат се додека се обидувате на ваков начин да ја преставите демократијата во Република Македонија. Со 62 пратеника се однесувате како да имате 100, рече Никола Мицевски, координатор на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ.
Одржувањето на собраниски седници, очигледно, е парализирано. Власта и опозицијата неодамна не се договорија ниту околу можноста пратениците кои се болни да учествуваат на седниците онлајн, а компромиси не се постигнуваат ниту околу други закони и важни прописи.
Дали седници ќе има кога ќе оздрават заболените пратеници од корона вирусот? А што доколку заболат нови пратеници?
Очигледно, проблемот е во недоговарањето и наоѓањето на заедничкиот јазик меѓу власта и опозицијата за тоа како да се функционира на демокртаски принципи во македонскиот парламент. Со сегашното тврдоглаво терање само на свои позиции се дојде во ќор-сокак во кој не се заглавуваат само пратениците туку пред се граѓаните кои дебело ги плаќаат.