Неколку повредени лица и оштетенo возилo на итна медицинска помош и едно патничко возило e епилог на тешка сообраќајна несреќа што се случила синоќа на крстосницата на булеварите „Партизански одреди“ и „8 Септември“. Според првичните сознанија, судирот се случил помеѓу возилото на итна помош на приватната болница „Неуромедика“ и патничкото возило „Mерцедес“. Во возилото на итна помош удрил автомобил со голема брзина , што се движел по „Партизанска“ во правец кон Центар. Веднаш пристигнаа уште две амбулантни возила за да ги пренесат повредените.
Неофицијалните информации укажуваат дека повреден е еден пешак, возачот на „Mерцедесот“, две медицински лица како и пациентот кој бил во болничкото возило.
Полицијата во моментов врши увид на лице место на настанот. Инаку, крстосницата кај бензинската пумпа на „Макпетрол“ е место каде што често се случуваат тешки сообраќајни несреќи.