Спасовски се самопофали: Оставам наследство кое ќе служи како солидна основа за идни успеси, но не спомена ништо за хаосот со личните документи

Покрај довчерашниот премиер Ковачевски, денеска од владина фотелја ќе се дели и министерот во МВР – Оливер Спасовски. Тој преку Фејсбук опиша што сработил и на крајот поентира:

-Затворајќи го ова поглавје, сметам дека оставам наследство кое ќе служи како солидна основа за идните успеси, напиша сега веќе поранешниот министер за внатрешни работи.

Спасовски оценува дека неговиот мандат во МВР бил период на интензивни промени, силни реформи и неуморна посветеност кон безбедноста на граѓаните.

-МВР го засили својот капацитет за борба против криминалот, корупцијата и незаконитоста. Воведовме нови стандарди и опрема во полициското работење, што значително ја подобри ефикасноста и транспарентноста на оваа институција. Овие напори резултираа со повисок степен на безбедност и доверба од страна на јавноста, наведува Спасовски.

Во 2015 година, додава тој, го затекнал Министерството како високопартизирано и криминализирано, коешто злоупотребувало човекови права, прислушувало над 22.000 граѓани, министерство кое што криело убиства, како она на Мартин Нешковски од страна на обезбедувањето на Груевски.

Тој се осврнува и на активностите за унапредување на капацитетите на МВР, на работните услови и платите на вработените во Министерството.

Но, во неговото обраќање до јавноста нема ништо околу големиот хаос кој настана по ултимативното барање да се сменат сите лични документи каде го нема омилениот збор на власта – северна. МВР слабо се снајде во сета операција, а имаше и други поенти кои Спасовски заборави да ги спомене.

Инаку, за потсетување: Спасовски функцијата министер за внатрешни работи ја извршуваше во неколку наврати, а од 31.08. 2020 беше на чело на Министерството за внатрешни работи заклучно со вчерашниот избор на техничката Влада.

Претходна вестЦела држава блокирана, француските земјоделци со најмасовен протест до сега
Следна вестДете прегазено во Арачиново