Цела држава блокирана, француските земјоделци со најмасовен протест до сега

Француските фармери денеска најавија најмасовни протести досега ќе го блокираат пристапот до големите градови, а навестија дека планираат „опсада“ на Париз, објавија локалните медиуми. Властите ќе распоредат околу 15.000 полицајци, додека министерот за внатрешни работи Џералд Дарманен побара од полицијата и жандармеријата да покажат умереност и да интервенираат само како последна мерка, доколку е загрозен интегритетот на луѓето или во случај на сериозни оштетувања на зградите, пренесуваат француските медиуми.

Возила на жандармеријата синоќа веќе беа забележани на некои локации, особено околу меѓународниот аеродром Роаси Шарл де Гол, во близина на Париз.

Водечкиот синдикат на земјоделци објави дека земјоделците со трактори немаат намера да влезат во Париз, туку да блокираат неколку стратешки патишта. Земјоделците порачаа дека не знаат до кога ќе трае блокадата и дека тоа ќе зависи од одлуките на новиот премиер Габриел Атал.

Блокади се најавени и низ други градови, како Лион, Бордо и Марсеј, каде ќе се организираат таканаречени „операции полжав“, односно бавно возење до местото на блокадата.

Покрај земјоделците во Бордо, протест ќе имаат и таксистите, кои најавија и блокирање на некои патишта.

Земјоделците се незадоволни од најавените мерки на Владата.

Во петокот, Атал откри итни мерки, вклучително и укинување на зголемувањето на данокот на дизел гориво (GNR), големи компензации за фармерите чии добиток бил заразен со хеморагична болест и тешки санкции против тројца производители на земјоделска храна кои не ги почитувале француските закони за цените.

Земјоделците особено го осудуваат падот на приходите, ниските пензии, инфлацијата и странската конкуренција.

Незадоволството на француските земјоделци доаѓа додека нивните колеги во Германија се мобилизираат од крајот на декември против реформата на оданочувањето на дизелот во земјоделството од страна на владата на канцеларот Олаф Шолц.

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ: СДС им ја подари државата на ДУИ
Следна вестСпасовски се самопофали: Оставам наследство кое ќе служи како солидна основа за идни успеси, но не спомена ништо за хаосот со личните документи