МВР во изминатите денови нема дојави за бомби низ училиштата или други институции, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Тој одговори на новинарско прашањето дали има дојави за хибридни закани.
Тој посочи дека сме единствена држава во регионот која во изминатиот период презеде низа мерки и донесе упатства и протоколи за справување со хибридни закани.
– Знаете дека донесовме упатства и донесовме протоколи, како единствена држава во регионот којашто сите овие протоколи ги сообрази со новите времиња и тенденции. Знаете дека ние работевме со протоколи, коишто беа од деведесеттите години или од поранешна Југославија. Денеска времето е поинакво, денеска технолошкиот напредок е поинаков и вие не можете да преземете мерки во 2023 година со методи од 1990 година. Затоа и тие протоколи ги сменивме, вели Спасовски.