Криза и покачување на цените ја зафаќа цела Европа. Секоја држава реагира на свој начин за да го заштити населението. Реагира и соседна Србија чија Влада ги ограничи цените на основните прехрамбени производи.
Имено, со одлуката на владата ограничени се цените на шеќерот кристал, брашно тип-400, сончогледовото масло, свинското месо и млекото со два запирка осум насто млечни масти, така што цените да не бидат повисоки отколку што биле на 15-ти ноември.
Ограничувањето на цените е утврдено за да се отстранат штетните последици и да се спречи нарушување на пазарот. Ограничувањето ќе се однесува на редовните цени, пред намалувањето, соопшти српската влада. Одлуката за ограничување на цените ќе се применува 60 дена.
Предвидено е производителите да не смеат да испорачуваат количини, помали од просечните во последните 12 месеци, а за кршење на овие одредби, предвидени се парични казни.