Со поставување на 21 столче пред зградата на Владата, наменети за секој министер одделно, Сојузот на синдикатите на Македонија го продолжи вчера започнатиот штрајк во јавниот сектор.
-21 столче за 21 министер од 10 до 14 часот на улица, објавија од ССМ.
Со ова, Синдикатот бара да биде прифатен нивниот амандман испратен до Владата и Собранието за линеарно зголемување на платите од 2806 денари.
-Работникот дојде по ветеното и своето, порача денеска претседателот на ССМ Дарко Димовски, од собирот на членството на ССМ пред зградата на Владата.
Тој ја повика Владата да се реши проблемот, преку амандман со ребалансот на Буџетот или со општиот колективен догвовор, укажувајќи дека за разлика од 1. Мај кога им ветиле повисока плата денеска никој не ги пречекал.
-Денеска протестираме пред Владата да побараме поддршка од 21 министер за предлогот на ССМ за линеарно зголемување на платоте за 2806 денари, но за жал не не пречекаа како за 1-Ви Мај.Тогаш кажаа дека за сите ќе има линеарно зголемување на платите со ребалансот на Буџетот, но денеска ги нема. Затоа јавно апелирам и кажувам работникот си дојде по ветеното, работникот си дојде по своето бидејќи ние немаме друг начин како да издржиме во оваа економска криза. Немаме друг начин како да ја издржиме инфалцијата. Затоа ја повикувам целата Влада на чело со премиерот да го решиме проблемот што поскоро, сакаат преку амандман во Собранието, сакаат со Општиот колективен договор во јавниот сектор, изјави Димовски.
За утре е најавен протест пред Министерството за финансии. Синдикалците вчера за време на штрајкот поставија 120 празни столчиња пред Парламентот сакајќи да ги потсетат пратениците да го прифатат амандманот со кој се бара во ребалансот на Буџетот да бидат одвоени средства за линеарното зголемување на платите.
Штрајкот ќе се одвива секој ден од 10 до 11 часот, така што вработените во јавниот сектор во тој период ќе го прекинат работниот процес и ќе излезат надвор, а само десет проценти од нив ќе работат онаму каде што е потребно за итни случаи.