Статистика се закануваше на граѓаните дека мора да се попишат, сега кој ќе одговара што пописот функционира само еден ден?!

Од моментот кога е почнат пописот во неделата, само еден ден течеше како што треба. Останатите се појавија проблеми кои директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски ги нарече „технички предизвици“: падна системот за попишување заради интернет, па беше блокирана електронската апликација со која и вчера имаше проблем. Како ќе функционира денеска не се знае. И 8ми септември беше пропуштен ден заради празникот.

До одговорот дека се работи за „технички предизвици“ дојде откако новинарите го прашаа Симовски зошто не профункционира како што треба најголемата статистичка операција. Тој прво рече „одговори зошто не се попишува населението, да се бараат од Владата“. Потоа од Влада рекоа ќе пратат соопштение, по што сепак одговор испрати институцијата најодговорна за спроведување на пописот, а во него стоеше: „во тек е надминување на помали технички предизвици кои повремено се појавуваа претходните денови“.

Ваквите чудни образложенија уште повеќе создаваат недоверба кон овој многу важен процес, за кој власта инсистираше безусловно да се спроведе од 5 до 30 септември. Симовски и Владата мора да одговорат транспарентно:

-Какви се тие „технички предизвици“? Не се работи за компјутерска игра за мали деца туку за попис, па вакви одговори само уште повеќе прават луѓето да не му веруваат на процесот.
-Ако вака продолжи, нема да има време да се заврши како што треба, и што тогаш? Ако се совпадне со предизборната кампања? Ќе биде прекинат или?
-Кој ќе гарантира дека нема да се прават малверзации со попишувањето додека надлежните тврдат дека има „технички предизвици“ со електронската апликација?

Техничките предизвици не може да бидат оправдување во овој момент. Пред да почне процесот надлежните си дозволија да им се закануваат на луѓето дека ќе има одговорност ако не сакаат да се попишат, сега кој ќе одговара за тоа што најважната статистичка операција функционираше само еден ден?

Претходна вестИнвеститор оштети цевка, дел од Железара без вода
Следна вестПремиера на „Работи за кои не зборуваме“ наскоро во МНТ