Уште една најава од скопскиот градоначалник Петре Шилегов дека Скопје ќе добие „трамвај со гумени тркала“ или автобуско метро. И повторно нема најава кога точно, оти Шилегов веста ја кажа на фејсбук, а временскиот прилог е само „годинава“.
-Не спиеме, Скопје дефинитивно ќе има БРТ – Бас рапид транзит. Популарното наречено автобуско метро, годинава почнува да станува реалност. Екипи на Град Скопје деноноќно работат на овој долгогодишен скопски сон! Со Бас рапид транзит ќе овозможиме траса која ќе биде физички издвоена од останатиот сообраќај. Ова е проект на Град Скопје, коj е финансиран од Владата, кој обезбедува многу побрз и побезбеден транспорт, и со тоа и намалување на загадувањето во воздухот. Скопје метропола! Скопје една поинаква приказна…,објави Шилегов преку Фејсбук каде ставил и фотографии како се прават плановите.
А приказната за трамвај, метро, или како и да е превозот на крајот, не е нова, напротив. Ја верглаше и претходниот градоначалник. Решавањето на градскиот превоз засилено им беше најавено на скопјани уште во програмата на Владата пред претпоследните избори. Прво се вети класичен трамвај на шини што би чинел од 130 – 150 милиони евра, а потоа изборот падна на „брз автобуски транспорт“ за кој Владата требаше да обезбеди 100 милиони евра. Но, овој проект потоа не се спомнуваше воопшто, а во меѓувреме се направи задолжување од 10 милиони евра со кои се купија 33 автобуси на гас.
Последната најава на Шилегов доаѓа на неколку месеци од локалните избори. Добро е што Шилегов не спие, но дали травмајот ќе биде направен или се ќе биде само сон, ќе видиме наскоро.