Струјомерите вртат по новата цена, мораше ли да се наплаќа мрежарина?

Oд вчера струјомерите си почнаа со пресметување на нови цени. Што ли ќе кажат тие апарати на крајот на месецот? Засега е сосема јасно дека на сметките ќе има и нова давачка која нежно ја нарекоа: „мрежарина“. Односно ќе плаќаме некаков си – пристап до мрежа која за сите корисници ќе чини 200 денари.

Од Регулаторната комисија за енергетика побрзаа да објаснат дека со тоа ќе се исправи една голема неправда со која околу 240.000 сопственици на струјомерите во викендичките и во другите куќи, коишто ретко ги користат, не мораа да плаќаат вкупни надомест наречен мрежарина оти трошеле многу малку киловати. Овој надомест, практично, го плаќале само оние што редовно трошат струја.

– Некој треба да изгради мрежа, да ја одржува мрежата и да биде подготвен во секое време да ви обезбеди услуга. Тој луксуз треба на некој начин да се плати, објасни неодамна на прес-конференцијата во РКЕ професорот Рубин Талески.

Добро. Ама има тука една нејаснотија. Чија е таа мрежа што ете граѓаните требало да ја одржуваат?

Мора ли, граѓаните да се јавуваат во улога на инвеститори и одржувачи на електро-мрежата? Кој инаку наплаќа за нејзиното користење?

Да, електричната мрежа мора да се одржува, ама па нели има компании кои заработуваат од пренос, од продажба на струјата?

-Ова почна да наликува на времето пред три децении кога македонските граѓани мораа да плаќаат надомест од 1.000 тогашни германски марки за воведување на фиксни телефонски линии во нивните домови, односно, да ја изградат телефонската мрежа за потоа да плаќаат сметки на друг кој ја раководи мрежата, реагираат граѓани на социјалните мрежи.

Уште тогаш, врзано со тој скап надомест, а сега и со мрежарината, логично се наметнува прашањето: Мора ли граѓаните да плаќаат и за изградба и за одржувањето на мрежата, сеедно дали електро, телефонската или за некоја друга комунална услуга?

-Замислете да ни рече „Алкалоид“ или „Плива“ – изградете ни аптеки за да ви продаваме лекови. Нели е тоа апсурд?, реагираат граѓаните.

Ќе се земат ли во предвид овие дилеми? Ќе се даде ли подетално објаснување од власта зошто мора да дојде до наплата на мрежарина? Во прашање се милиони евра.

Инаку, новите цени на струјата се само незначително корегирани. Најголемо поскапување од скоро 3 проценти има во т.н. трети блок. Што тоа ќе значи ќе си видиме на сметките на крајот од месецот.

Ќе видиме и дали власта ќе смисли и нови мрежарини во нови области. За да станат министри ветуваа укинување на радиодифузната такса, ама ете сега веќе имаме “електродифузна такса“.

Претходна вестМртов маж најден во скопско Кучевиште
Следна вестПродолжува празничната програма на скопскиот плоштад, ќе пеат Златните славејчиња, Нино Величковски…