Светско православие или кривославие: Колку имиња ќе има МПЦ-ОА?

Како ќе се вика нашата, Православната црква во Македонија? Да, прашањето е болно, може некому да изгледа и нелогично, ама се наметнува како реалност откако трчавме по „томоси“ (кои ни велат- не убедуваат биле многу важни) и сега секоја православна црква во светот сака да биде кум на МПЦ-ОА.

Изминативе месеци почна изјаснувањето на автокефалните Православни цркви околу одлуката на Вселенската патријаршија да не признае како канонска црква и по одлуката на Српската православна црква да ни го додели Томосот за автокефалност од минатата година. А изјаснувањето почна да се прави и во однос на статусот на нашата црква, во однос на нејзиното име, во однос на титулата на поглаварот… Едноставно, кој што сака си додава или одзема.

Канони и сеправославно единство и братољубие? Што беше тоа?

Па, така, Вселенската патријаршија на 9-ти мај само не призна дека постоиме како Црква, дека како име ќе ни го признава „Охридска“ и дека нема да смееме воопшто да ја употребуваме придавката „македонска“.

Набрзо по ова, Српската православна црква реши македонската црква да ја признае на 5-ти јуни давајќи и го Томосот за автокефалност на Македонската православна црква, која е наследничка на древната и славната Охридска архиепископија, поради што во својот назив го вклучува и нејзиното чесно име. Но, во тој Томос имаше и препорака до МПЦ – ОА прашањето на своето име да го реши со блокот на грчките православни цркви и со останатите православни цркви. 

По ова, почна и изјаснувањето на останатите православни цркви.

Руската православна црква во август реши да го признае Томосот издаден од СПЦ и автокефалност на МПЦ-ОА со нејзиното уставно име и со титулата на поглаварот како „архиепископ охридски и македонски“.

Грчката православна црква, пак, не го призна Томосот на СПЦ туку на МПЦ-ОА само и го призна канонскиот статус на Црква поддржувајќи ја одлуката на Вселенската патријаршија. Грчките владици предупредија дека единствена надлежна институција за доделување на автокефалност е Вселенската патријаршија и изразија загриженост бидејќи од страната на СПЦ било користено името „Македонска православна црква“.

И Антиохиската патријаршија и Полската православна црква на МПЦ-само и го признаа статусот, но се уште јавно не обзнанија како ќе и се обраќаат.

Бугарската православна црква, пак, реши да го прифати Томосот за автокефалноста кој нашата црква и го даде СПЦ, но реши да ни се обраќа како „Православна црква во Република Северна Македонија се до донесувањето на сеправославна одлука“. Односно, бугарските владици сметаат дека за името на МПЦ-ОА треба да се донесе одлука за сите 14 православни цркви иако тоа никаде не е предвидено како задолжително.  

Романската православна црква реши да ни ја признае автокефалноста на нашата црква, но притоа самата го определи името: „Архиепископија Охридска и Северна Македонија, со седиште во Скопје“, а титулата на поглаварот како „Неговото Блаженство Архиепископ Охридски, Скопски и Северна Македонија Стефан“. Ден потоа, пак, порача дека надлежноста за конечниот Томос ја има Вселенската патријаршија но тој мора да биде потпишан и од страна на сите 14 црковни поглавари, иако и тоа не е правно задолжително.

Православната црква на Чешките земји и на Словачка ги прифати одлуките на СПЦ и на Вселенската патријаршија за МПЦ-ОА, но името со кое ќе ни се обраќа е – Православна Црква во Северна Македонија.

Грузијската православна црква вчера соопшти дека го признава канонскиот статус на „Православната Црква во Северна Македонија“ без да ја признае автокефалноста дадена од СПЦ…

Ете така тече прифаќањето на македонската православна црква во православното светско семејство. Ако е ова прифаќање, како ли изгледа неприфаќање?

Се покажува дека калкулациите на македонските владици дека ќе има православни цркви кои ќе не ословуваат или со „МПЦ-ОА“ или со „Охридска архиепископија“, биле погрешни. Прашањето е само каде и како може да заврши ова патешествие со кумувањето на името на нашата Црква од страна на другите Православни Цркви.

Ќе одлучуваат со сеправославен консензус или со самостојно определување на секоја од Црквите? Што ќе стане со ставот на Вселенската патријаршија да ни го признае името „Охридска“, дали и таа ќе го смени ставот или ќе остане на него? Што ќе прават другите Православни Цркви доколку Вселенската патријаршија ни го издаде Томосот за автокефалност како „Охридска архиепископија“…?

Всушност, прашањето е: Што МПЦ-ОА доби? Зарем македонските владици не знаеја дека Православните Цркви се раководат првенствено со сопствените интереси занемарувајќи ги и довчерашните пријателства со владиците на МПЦ-ОА и дека често се занемарува учењето од Бога дека треба сите да се помагаме и поддржуваме, а не сопки да си ставаме?

Но, македонските владици ќе треба и да се преиспитаат колку и самите придонеле за ваквите случувања кон македонската црква со своите тропања на сите врати за признавањето на автокефалноста. Од онаа писмо до Бугарската православна црква од 2017 година кога изразија поготвеност да ја признаат како „Мајка-Црква“ доколку нија признае автокефалноста па натаму…

Сега знаат ли во Синодот на чело со г.г. Стефан која црква ни e мајка, а која маќеа? И што е уште поважно – знаат ли да ја заштитат МПЦ-ОА од оваа рашомонијада која уште ќе трае? Македонската црква мора да биде бранета и да и биде сочувано достоинството.

 

Претходна вестТФТ го победи Работнички, им следи дуел со МЗТ
Следна вестТурскиот ФК Газијантеп поради земјотресот ќе го позајми Лука Станковски во словенечка Горица