Свири на виолина изработена во 1709 година: Црногорскиот виртуоз Роман Симовиќ вечерва на „Охридско лето“

Дваесеттиот фестивалски ден на „Охридско лето“ вечерва го носи соло-концертот на црногорскиот виолинист Роман Симовиќ. На програмата на вечерашниот концерт што од 21 часот ќе се одржува во црквата „Света Софија“ се шесте атрактивни и мошне предизвикувачки сонати за соло виолина оп. 27 на Е. Есаи.

Брилијантната виртуозност, природниот талент и бескрајната имагинација се особините кои на виолинистот Роман Симовиќ му овозможуваат кариера која го носи низ целиот свет, на некои од најзначајните концертни подиуми како „Карнеги Хол“, големата сала на Конзерваториумот „Чајковски“ , салата „Марински“ во Санкт Петерсбург, Операта во Тел Авив, салата „Викторија“ во Женева, „Рудолфинум“ во Прага, „Барбикан“ во Лондон, Центарот за уметност во Сеул, салата „Григ“ во Берген, „Рахмањинов“ во Москва и многу други.

Симовиќ е добитник на повеќе престижни награди за виолинисти „Родолфо Липицер“ во Италија каде добива прва награда и 12 награди од публиката, награда на натпреварот во Сион во Швајцарија, натпреварот „Јамполски“ во Русија и награда на натпреварот „Хенрик Виењавски“ во Полска со што тој станува еден од најзначајните виолинист на неговата генерација.

Како солист, Роман настапува со некои од водечките оркестри во светот: Лондонскиот симфониски оркестар, оркестарот на театарот „Марински“, Оркестарот на „Театро Реџио“ во Торино, симфонискиот оркестар во Халифакс (Канада), оркестарот „Франц Лист“ во Унгарија, „Камерата Берн“ во Швајцарија, Камерата Салцбург (Австрија), како и оркестри во Турција, Полска, Холандија.

Роман е визитинг професор на Кралската академија во Лондон и има огромно искуство како педагог. Често е раководител на мајсторски курсеви во САД, Велика Британија, Јужна Кореја, Јапонија, Австралија, Италија, Шведска, Швајцарија, Србија, Црна Гора, Израел како и на Фестивалот во Вербие, таму често настапува како солист со оркестар, камерен музичар или со рецитал.

Роман е концерт-мајстор на Лондонскиот симфониски оркестар од 2010 година. Свири на виолина изработена од Антонио Страдивари во 1709 година која му е позајмена од филантропот и колекционер на инструменти Џонатан Моулдс.

Претходна вестОживеаја црви замрзнати пред повеќе од 46.000 години
Следна вестВозеле и 70 километри побрзо од дозволеното: За брзо возење на територија на Македонија казнети 576 лица