На патниот правец А2 Свети Николе – Миладиновци на 10 км пред Миладиновци, поради свлечиште и голем одрон, сообраќајот е пренасочен само на една коловозна лента во должина од 150 метри. На самото место е поставена соодветна сообраќајна сигнализација, извести АМСМ.
Од таму известуваат дека од вчера, регионалниот пат с.Ранковце-с.Герман, поради наноси од снег, не е прооден за патнички моторни возила.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.