Во организација на ЈУ Универзална сала, а иницирано од професори и ученици од средните училишта на Град Скопје, годинава за првпат ќе се одржи средношколски настан – „Средноленд“.
Повеќедневниот настан ќе се одвива од 2 до 6 мај, на неколку локации во градот – Плоштад Македонија, КИЦ, МКЦ и Градски парк – Школка.
Настанот цели кон промоција на талентираните средношколци, кои ќе се претстават себеси и училиштата преку музика, танц, ликовна уметност, драмска уметност, фотографија и филм.
-Целта е да ги насочиме учениците кон вистинските вредности, развивајќи интерес кон уметноста и културата, и да го приближиме светот на средношколците до јавноста, преку приказ на нивните таленти и нивните интереси, поставувајќи темел за соработка меѓу училиштата и меѓуинституционална поддршка, велат организаторите.
На настанот ќе учествуваат скопските гимназии „Никола Карев“, „Георги Димитров“, „Орце Николов“, „Јосип Броз Тито“ и „Раде Јовчевски – Корчагин“.