„Тамо зората греит душата“ пеел Константин Миладинов за македонските краишта

Има ли некој во Македонија кој не слушнал за бравурозната песна „Т’га за југ“? Повеќето и знаат да изрецитираат делови од неа. Познато е и дека тие извонредни стихови ги напишал македонскиот поет и собирач на фолклор – Константин Миладинов.

Денеска се навраќаме на овој поет оти на днешен ден пред 162 години тој починал во затвор во Цариград.

Суровата руска зима и тешкиот живот што го имал за време на студиите во руската престолнина Москва штетно се одразиле врз здравјето на Константин Миладинов па во 1859 година заболел од туберкулоза. Но, и подмолната болест не го спречила две години подоцна, во 1861 година да замине во Цариград воден со веста дека таму е затворен неговиот брат Димитар. Меѓутоа, тогашните турски власти и него го затворија, го фрлија и него во цариградските зандани обвинувајќи ги големите поети дека се шпиони. Се подготвуваше и судскиот процес, но браќата набргу починуваат. За Константин се знае дека го напуштил земниот свет на 18-ти јануари 1862 година, но за Димитар не се знае. Исто како што не се знае какви биле околностите, ниту, пак, каде се погребани.

Ваква е судбината на познатите браќа, поети и собирачи на македонскиот фолклор. Константин е роден во 1830 година, во Струга, во семејството на грнчарот Ристе Миладинов и неговата сопруга Султана Миладинова каде и го завршил основното образование, а гиманзијата во Јанина, Грција. Таму, во Атина, дипломирал и на грчка филологија, а потоа со брат му Димитар се вратиле во родниот крај каде учителствувале во повеќе места – битолските села Трново и Магарево, престојувал и во манастирот „Зограф“ на Света Гора. Клучна година била 1857 година кога Константин се запишал и студирал словенска филологија во Москва, каде што членувал во Словенскиот кружок и Во Москва, во 1860 година настанува и неговата најпозната песна „Т’га за југ“ која има исповеден карактер и во прв план ја изразува носталгијата на авторот по татковината.

Орелски крилја как да си метнех,
И в наши ст’рни да си прелетнех,
На наши места ја да си идам,
Да видам Стамбол, Кукуш да видам…

Овие строфи извезени со одбрани македонски зборови се многу силни. Во нив Миладинов ќе додаде:

-Не, ја не можам овде да седам, Не, ја не можам мразој да гледам! Дајте ми крилја ја да си метнам, И в наши ст’рни да си прелетнам: На наши места ја да си идам, Да видам Охрид, Струга да видам. Тамо зората греит душата…

Едноставно, „Т’га за југ“ на извонреден начин ја продолжува и засилува македонската народна поезија.

Инаку, претходно, пред да замине на студии во Русија, Константин понел одреден фонд на народни македонски песни. Подоцна, нови собрани и запишани песни му праќал и брат му Димитар и по што почнале обидите на Костантин да објави посебен зборник со народни песни. Не успеал да го објави во Русија, најмногу поради судирот на Миладиновци со Цариградската патријаршија во екот на преродбенската борба. Но, во јуни 1860 година, не довршувајќи ги студиите, Константин Миладинов ја напуштил Москва при што на пат за дома, во Виена, се сретнал со хрватскиот бискуп Јосип Јурај Штросмајер, поглаварот на Хрватската католичка црква, со кого контактирал уште од Москва, пишувајќи му за намерите за печатење на Зборникот. При оваа средба, бискупот Штросмајер прифатил да го финансира печатењето на Зборникот. Така, на 24 јуни 1861 година, од печатницата на Анте Јакиќ, во Загреб, излегол од печат Зборникот од народни умотворби на браќата Миладиновци, дело со речиси 600 македонски народни песни и 77 бугарски отстапени од бугарскиот фолклорист Васили Чолаков.

Песните се поделени во групи: самовилски, други стари, црковни, јуначки, жаљовни, смешни, љубовни, свадбени, лазарски, на Водици, на Ѓурѓовден и жетварски. Зборникот содржи и други фолклорни и етнографски материјали (детски игри, свадбени и годишни обичаи од Струга и Кукуш, верувања, игри, преданија, сопствени имиња, пословици, гатанки, речник, лалп и имиња на претплатниците).

По објавувањето, Зборникот имал одгласи во повеќе земји. Тој подоцна ја одиграл улогата за собирање и афирмација на македонскиот фолклор. Сите поистакнати собирачи овој зборник го имале и за пример и за инспирација. Така Кузман Шапкарев запишал дека триумфите на Миладиновци, Караџиќ и Кухач не му давале да заспие, а Марко Цепенков го чувал дома и го пеел „како второ вангелие“.

 

Претходна вестИранец со фалсификуван холандски пасош сакал да влезе во Македонија
Следна вестКошаркарскиот Куп годинава во Битола