Еден од светлите датуми кога македонскиот народ ја истакнал својата посебност и непокорност. Вакво место во македонската историја има денешен 20 мај, денот кога пред 148 години храбрите македонски востаници пред 147 години го кренале Разловечкото востание против турското ропство и во текот на кое за прват се завиори знаме со името Македонија. Ова востание, чиј центар беше во селото Разловци, е еден од најголемите показатели дека македонскиот народ одамна се борел за својата слобода и правдини.
А востанието имаше и своја предисторија. Поттик му дале и востанијата во Босна и Херцеговина, во Бугарија, како и војната на Србија, Русија и Црна Гора против Турција. Сето тоа го натерало македонскиот народ во овој крај да се крене на вооружено востание против турската феудална власт за национално ослободување.
Главни иницијатори и организатори на востанието биле Димитар Поп Георгиев Беровски и неговиот дедо Поп Стојан од Разловци. Димитар Беровски се школувал во Русија и во Белград, Србија, а потоа се вратил во Разловци, каде станал учител. Како учител, заедно со своите браќа, зел учество во борбата што ја водела младата македонска буржоазија против грчкото духовништво, а за своја црква и училишта. Тогаш бил осуден и лежел во затвор. Набрзо, тој увидел дека борбата против Цариградската патријаршија нема да го реши основното барање на селаните и граѓаните за нивното ослободување од турското ропство. Затоа, тој направил план за кревање востание во Македонија. За таа цел, во 1875 г. заминал во Солун, каде формирал таен кружок.
За да дојде до потребните пари за оружје, санитетски материјали…, Димитар Беровски одлучил да го продаде својот имот во Берово, а за таа цел, дел од својот имот продал и Поп Стојан, кој ветил и дека ќе го исплати сиот десеток за селаните од Разловци, за да можат да купат оружје. Со овие средства било купено оружје и муниција, кои биле пренесени во тајни складови во Разловци, Пијанечко и во Радовишко.
Неколку месеци пред востанието, Димитар Беровски им порачал на двете учителки од Солун, Недела Петкова и Станислава Караиванова, кои биле мајка и ќерка, да изработат знаме за идното востание. Знамето, со димензии 186 х 165 сантиметри, било изработено на жолта подлога со разјарен црвен лав, и на него пишувало: Македонија (МАКЕДОНИЯ). Подоцна, по избувнувањето на востанието, во Разловци, на знамето било дополнително извезено „Станете да ви освобода“. Знамето било инспирирано од фотографијата, која најверојатно ја поседувал Димитар, од македонскиот грб кај Христофор Жефарович.
-Кога е во прашање знамето на востанието, без разлика што оригиналот не е во Македонија може да ја забележиме неговата важност не само како симбол на востанието. На него за прв пат се става името Македонија. На тој начин тоа добива поголемо значење за идното зацврстување на македонската посебност во однос на другите. Симболите имале и имаат, и најверојатно, ќе имаат голема важност за националните идентитети, пишува историчарот Далибор Јовановски
Било решено востанието да го зафати источниот дел од Македонија. Тоа требало да започне во Пијанец, каде требало да се ослободи главното место Царево Село (денес Делчево), и Малешевско, при што, со заеднички сили требало да се заземе Берово во кое имало помалку турски војници, и на крајот да биде извршен заеднички напад на главниот град во тоа време на двете области, Пехчево, каде што било и седиштето на мудурлакот. Потоа, востанието требало да се прошири и во Радовишко, Струмичко, Петричко и Мелничко. За таа цел, Димитар Беровски, со мала чета, требало да ги обиколи сите места, за да ги подготви на определен знак да востанат.
На 19 мај 1876 г. било одржано последното советување, на кое учествувале околу 30 вооружени заговорници. Во текот на состанокот пристигнала вест дека во селото Разловци пристигнале турски даночни чиновници. Уплашени да не бидат откриени, востаниците брзо реагирале и одлучиле востанието веднаш да започне. Преку ноќта се собрале уште 30 вооружени селани и било одлучено востанието да започне во селото Разловци, а потоа да се прошири пошироко. За војвода и главен водач бил избран Димитар Беровски.
На 20 мај 1876 г. во утринските часови Разловци било нападнато од востаниците. Некои Турци биле убиени, а други ранети. Селаните ги изгореле нивните дефтери. По наредба на Поп Стојан, син му Костадин го запалил сопствениот ан за да им даде пример на селаните дека го жртвува имотот за слободата која е поскапа од сè.
Еден дел од четата, предводена од Беровски, заминала кон Малешевијата, за да се соединат со од порано подготвени 300 малешевци. На пат кон Берово, кај селото Митрашинци, Димитар Беровски и неговата чета имале судир со една помала турска воена единица. Таа била растерана, но Беровски бил ранет во главата. Оваа неповолна состојба делувала негативно и востаниците наместо да одат кон Малешевијата, се вратиле назад, во Разловци. Од Разловци, четата на делумно закрепнатиот Димитар Беровски продолжила кон Кочанско. Откако ги победила Турците во Лаки, четата тргнала кон селото Смилјанци, Радовишко, каде од порано имало складирано оружје. Меѓутоа, во Смилјанци дошло до предавство од месниот полјак во Радовиш, така што и тука турскиот аскер брзо реагирал и востаниците доживеале неуспех.
На 29 мај, турскиот аскер, засилен со башибозук од околу 1.000 души, тргнале во противофанзива против 300 востаници. Селаните кои не успеале да побегнат биле ѕверски убивани, оставани за пример на населението, а некои од селаните од реонот биле мачени како затвореници во Сер, Солун, Скопје и др. Поп Стојан се самоубил, а околу 30 востаници од разловечката чета, на чело со Димитар Поп-Георгиев Беровски, успеала делумно да се задржи и да ја продолжи борбата во Малешевските планини, Пијанец, Осоговските Планини и во Кресна.
Востанието иако воено доживеало неуспех, сепак разловечките востаници самостојано ја запалиле искрата на борбата за слободна Македонија која што подоцна ќе продолжи во повеќе краеви на македонската земја.