Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари вечерва пред почетокот на вонредниот конгрес на партијата, изјави дека очекува да бидат потврдени одлуките за коалицирање со албанската опозиција, како и неговата кандидатура за претседател на претстојните избори.
– Конгресот е свикан заради две главни точки. Првата за да ја добијам поддршката од конгресот за да се кандидирам за претседател на државата и да почнеме да ги собираме потписите. Втората работа е да се потврди коалицијата што треба да се случи утре, а потоа ќе имаме уште една точка за статутарни измени на одредби кои очигледно беа злоупотребени изминатиов период, рече Таравари.
Tој исто така истакна дека ова е легитимниот конгрес на АА.
Според него, за да се свика собрание потребни се две третини од делегатите, а Села немал ниту половина од нив. За тоа кого посакува за противкандидат од редовите на ДУИ, Таравари вели дека би сакал тоа да е претседателот на ДУИ Али Ахмети.
– Јас би го посакал Али Ахмети, но ќе ги почитувам и другите кандидати кои имаат поддршка од своите партии, истакна Таравари.