Термоелектричната централа Битола во 2022 година е најголемиот загадувач со сулфур диоксид и честички прашина на целиот Западен Балкан. Емисиите од оџаците на ТЕЦ Битола се скоро дуплирани споредено со 2021 година, иако поради пожарот на трансформаторот во третиот блок тој беше вон употреба цела година и електраната работеше со намален капацитет, информираат од Еко – свест.
Според новиот извештај од CEE Bankwatch Network, „Усогласи или затвори – 2023“ (1), битолската термоелектрана е убедливо најзагадувачки индустриски капацитет во земјите од Западен Балкан.
-Со само првиот и вториот блок активни во текот на 2022 година, електраната емитувала 111.408 тони сулфур диоксид во воздухот. Ова е количина што е 17 пати поголема од таа што е дозволена со Националниот план за намалување на емисиите (2), а истовремено и е повеќе од вкупните емисии што се дозволени за сите термоелектрани на јаглен во Западен Балкан. Емисиите на прашина исто така алармантно се зголемени и достигнале 3.899 тони, повеќе од три и пол пати од дозволеното за првиот и вториот блок на електраната. Ова е и најголемата количина на прашина емитувана од еден оџак на целиот Западен Балкан.
Емисиите на прашина исто така алармантно се зголемени и достигнале 3899 тони, повеќе од три и пол пати од дозволеното за првиот и вториот блок на електраната. Ова е и најголемата количина на прашина емитувана од еден оџак на целиот Западен Балкан – покажуваат податоците од извештајот.
Во извештајот се наведува дека македонските електрани работат спротивно на обврските и наместо да ги намалуваат емисиите, согласно правилата за контрола на загадувањето преку Спогодбата за Енергетската заедница тие ги зголемуваат. Секретаријатот на Енергетската заедница веќе има отворено случај против Македонија поради непочитување на одредбите за намалување на емисиите.
Сомнителен е и квалитетот на јагленот, како и нетранспарентните набавки. Во извештајот се забележува дека со енергетската криза и активирање на ТЕЦ Неготино, земјата се движи во спротивна насока и продолжува сериозно да ја загадува животната средина и да го загрозува здравјето на граѓаните.
-Целиот регион е загрозен од неконтролирано загадување од електраните што работат на јаглен и веќе секоја година гледаме како големите електрани во Србија и Босна и Херцеговина рушат рекорди. Но, ваков огромен скок во емисиите како што има ТЕЦ Битола во 2022 година не сме забележале до сега. Последиците од ваквото загадување ќе бидат големи и за Битолскиот Регион, но и за целата земја и пошироко,вели Давор Пехчевски од CEE Bankwatch Network.
Елена Николовска од Еко-свест изјави дека целите на Владата кои се усвоени се амбициозни, а со нив се предвидува затворање на капацитетите на јаглен до 2027 година.
-Потребно е да се одржат роковите за исполнување на овие цели за да се испрати јасна порака до енергетскиот сектор, индустријата и граѓаните дека земјата доследно се придржува кон напуштање на фосилните горива, праведна транзиција кон обновливи извори и чисти технологии и грижа за здравјето на граѓаните, додава Николовска.