Лога побарал да се укине дискреционото право на министерот за избор на нотари и извршители

Да се укине дискреционото право на министерот за правда за избор на нотари и извршители, предлог е кој доставил министерот за правда Кренар Лога на вчерашната седница на Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор. Тој на членовите на Советот им порача дека е неопходно одредени активности да бидат дел од новата развојна Стратегија.

-Надлежноста за издавање на лиценци за вештаци од Министерството за правда да се префрли на надлежните комори, додека правосудниот испит, како и испитите за нотари и извршители наместо во Министерството за правда да се полагаат во Академијата на судии и јавни обвинители, стои во соопштението за предлозите на Лога.

Врзано за укинувањето на дискреционото право на министерот да избира нотари и извршители Лога смета дека потоа да се обезбеди транспарентност во постапките за нивно именување.

-Треба и да се предвиди кривична одговорност на судиите поротници, да поднесуваат анкетни листови за имотната состојба, како и присуство на јавноста во сите постапки пред Апелационите судови и Врховниот суд, соопштува Министерството за правда.

Дел од предлозите за кои ќе треба во наредниот период да се дискутира се укинувањето на Вишиот управен суд за што ќе биде потребна целосна реформа на управното право, како и измени на Законот за Судскиот совет во начинот на избор и разрешување на членови на советот.

ВМРО-ДПМНЕ и покрај фактот што беа поканети да присуствуваат на седницата, не дојдоа на расправата. Драфт верзијата од Развојната Стратегија ќе им биде доставена по што се очекува да дадат конкретни забелешки и коментари за одредени прашања.

Претходна вестОд понеделник до петок секоја вечер во Скопје ќе се прска против комарци
Следна вестИталија е земја со најмногу 100-годишници во светот