Тензично на северот од Косово, сирени во Митровица, блокади на патишта, полицијата затвори два гранични премина

Растат тензиите во Северно Косово во општините каде живеат Србите. Во најголемиот центар на ова подрачје Косовска Митровица вечерва се слушаше звукот на сирените за опасност а по улиците минуваа и повеќе амбуланти возила со вклучени сирени. Напоредно со ова, дел од српските граѓани излегоа на протест на магистралните автопати, во местата Рударе, Јариње и Зупче каде со барикади го блокираат сообраќајот.

Поради блокадите, косовската полиција соопшти дека ги затворила граничните премини „Јариње“ и „Брњак“ за патници и возила и ги информира граѓаните да користат алтернативни патишта

Блокадите на косовските магистрални патишта доаѓаат еден ден пред стапувањето во сила на двете одлуки на Владата на Косово за пререгистрација на српските регистарски таблички и лични документи. Владата на Косово најави дека од 1 август ќе започне со издавање таканаречени документи за влез-излез за сите граѓани на Србија кои влегуваат во Косово. Овој документ ќе се издава на сите копнени и воздушни премини и ќе важи 90 дена, исто како документот што српските власти им го издаваат на граѓаните на Косово при влез во Србија

-Нема да им ги земаме документите на луѓето кои доаѓаат од Србија во Косово, туку ќе им додадеме декларација. Значи, тие доаѓаат со документи издадени од Србија, а ние нема да им ги земаме, туку им издаваме декларација, затоа што 11 години Србија се однесува на ист начин со секој граѓанин на нашата Република кога ќе ја премине границата и ќе оди во Србија. Така, од утре ќе имаат уште еден документ, изјави денеска косовскиот премиер Албин Курти.

Исто така, од утре во сила треба да стапи и одлуката за пререгистрација на автомобилите со акронимите на градовите од Косово, издадени од Србија.

Претходно, денеска во Белград, на драматична прес-конференција, Српскиот претседател Александар Вучиќ, ги замоли Албанците да не тргнуваат во прогон на Србите, од кои пак побара да не наседнуваат на провокациите. Тој ги замоли и претставниците на големите и моќни држави кои ја признале независноста на, Косово, да поведат сметка за меѓународното право и да не дозволат нивните штитеници да предизвикаат судир.

Претходна вестПендаровски: Не поддржувам референдум, идејата на Мицкоски е манипулација
Следна вестГостиварец убиен со нож во групна тепачка со роднини од Здуње