Двајца мигранти загинаа, а десетина други лица меѓу кои и еден полицаец се повредени во судирот меѓу две возила што доцна синоќа пред полноќ се случил кај клучката за Радовиш на патот Струмица – Штип. Полицијата соопшти дека во судирот учествувале џип „Ауди Q7“ во кој се превезувале 12 мигранти од Сирија и товарно возило во сопственост на полицијата.
МВР соопшти дека во несреќата еден од мигрантите починал на лице место, а вториот им подлегнал на повредите во болница.
-На местото на незгодата починал еден од мигрантите, а еден им подлегнал на повредите во Медицинскиот центар Штип. Останатите лица се здобиле со тешки телесни повреди, додека еден полициски службеник се здобил со телесни повреди, констатирани во Медицинскиот центар Штип. Извршен бил увид на местото на незгодата од Јавен обвинител и увидна екипа од СВР Струмица, се наведува во соопштението од МВР.