Толкувачите преку таблет-компјутери ќе им ја олеснуваат комуникацијата на глувите лица во болниците и во полицијата

Таблет – компјутери ќе бидат поставени во полицискита станица „Беко“ и во просториите во МТВ во Скопје, како и во Градската општа болница „8 Септември“ и на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ со цел да им се олесни комуникацијата на глувите и наглувите лица со полицајците и лекарите. Ова е суштината да денеска промовираниот проект „Дигитален толкувачки сервис за глуви и наглуви” во Националниот сојуз за глуви и наглуви лица. Со ова, глувото лице кое ќе има потреба во полициска станица или во болнички установи ќе го добива таблетот од вработените по што ќе воспоставува врска со дигиталниот толкувач. Овој толкувач ќе комуницира со глувото лице и потоа ќе им објаснува на службените лица каква потреба има глувото лице.

-Кога глувото лице има преживеано грабеж, семејно насилство и слично, тоа не може да го пријави самостојно во полиција или кај социјалниот работник. Тоа лице при таков инцидент е немоќно. Кога глувото дете не може да го слушне или разбере учителот, тоа останува беспомошно. Глувите лица во себе имаат многу гнев, кој не е решен. Ова е загрижувачко прашање, бидејќи фрустрираните глуви поединци ги исфрлаат своите фрустрации кон најблиските и колегите. Потребно ни е соодветно образование за глувите, прилагодување на образовниот процес каде што ќе се вклучат сите релевантни чинители, за да можеме точно да разбереме што треба да се промени и да најдеме начин како да продолжиме напред заедно со нив, изјави денеска Лиза Велкоска, генерален секретар на Сојузот.

Проектот претставува надградба на веќе востановениот проект на Националниот сојуз од 2019, за формирање Кол-центар за глуви и наглуви којшто работи до денес, а преку кој сертифицирани толкувачи на знаковен јазик ги опслужуваат и одговараат на видео повиците, што претставува одговор на потребите и барањата на глувите и наглувите со кои комуницираат на знаковен јазик.

Фото: Макфакс

Претходна вестАгенцијата за храна и ветеринарство, демантира дека има увоз на небезбеден зеленчук
Следна вестTешка сообраќајка на експресниот пат Штип-Кочани, загина едно лице