Торба со поголема сума на пари била пронајдена кај Австриецот што загина на патот Тетово-Попова Шапка

Торба со поголема сума на пари била пронајдена кај осумдесетгодишниот Австриец кој пред неколку дена почина откако излета од патот Тетово-Попова Шапка.

Од тетовската противпожарна бригада која била на местото на удесот велат дека парите биле предадени на полицијата.

-Тоа беше длабок пад на автомобилот околу 150 метри. Жртвата беше надвор од автомобилот, работите исто така биле расфрлани надвор. Има и слики и работи што ги документиравме, видовме пари околу колата како српски динари, евра и денари. Во торба, според она што ги виделе останатите пожарникари, имало поголема сума на пари што ги имала жртвата. Поголема сума на евра, изјави Авни Амети, началник на ППБ – Тетово.

За случајот се известени и Одделот за меѓународна полициска соработка, Министерството за надворешни работи, Амбасадата на Австрија и Канцеларијата на Интерпол.

МВР, инаку, соопшти дека на 7.4.2024 година околу 17:20 часот во СВР–Тетово, пријавено е дека на регионалниот пат Тетово – Попова Шапка на влезот во Расадиште од Тетово, патничко возило „Сузуки“ со австриски регистарски ознаки, управувано од. Е.В. (80) од Виена – Република Австрија, излетал од патот.

-Од здобиените повреди возачот, кој бил сам во возилото, починал. Од страна на лекар од Итната медицинска помош е констатирана смрт, додека јавен обвинител и увидна екипа од СВР-Тетово извршиле увид на местото на настанот, информираа тогаш од МВР.

Претходна вестТинејџер се обидел да ограби банка во Аеродром
Следна вестПолициски претреси во затворот ,,Идризово”, се подготувале кривично-правни дејствија