Трајанов и Милевски само го критикуваат францускиот предлог или ќе преземат и нешто повеќе?

Македонската Влада се уште молчи околу фамозниот француски предлог за евентуален почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ. Не се изјаснува ниту премиерот, ниту министрите за надворешни работи и за евроинтеграции… Чекале предлогот да стане официјален документ на ЕУ.

Но, за разлика од овој молк, помалите коалициски партнери веќе почнуваат да го соопштуваат својот став. Демократски сојуз на Павле Трајанов искажа сериозна резервираност и укажа дека со предлогот на „перфиден начин се оспорува македонскиот идентитет“, а лидерот на ЛДП Горан Милевски беше директен во своето категорично отфрлање на така „спакуваниот“ предлог.

– Благодарам Франција, но НЕ, билатералните спорови не смеат да станат Европски услови, македонската евроинтеграција не смее да биде заложник на фрустрациите на Бугарија. Во ЕУ ќе влеземе како Македонци со своја вековна историја, култура, традиција и вредности, со сопствен јазик и посебности а влез како втора бугарска држава, ниту сакаме, ниту некој може да прифати…, порача Милевски.

Добро. Двајцата коалициони партнери кажа што кажаа. Едниот е пратеник, другиот е министер. Што ќе прават за кажаното да не остане само кажано, а „францускиот карван“ да продолжи да си врви контра Македонија?

Дали Трајанов и Милевски овие ставови му го предочија на премиерот Димитар Ковачевски? Му кажаа ли дека во Влада што евентуално ќе прифати ваков француски предлог нема да останат?

Одговорите на овие дилеми се потребни за да не се повтори честата пракса во редовите на владините коалиции со која помалите партнери постојано нешто критикуваат, одбиваат, реагираат, но потоа работите остануваат такви како што сака најголемата владеачка партија, а партиите на Трајанов и Милевскли тоа го изгласуваат.

Да потсетиме само на еден – два примери: Милевски во март годинава имаше критика за пописот на населението кога рече дека „пописот стана политичка наместо статистичка операција“ и дека за чудење како беа потребни седум месеци за да се соопштат првични резултати. А Пред тоа, изјави дека Владата „потфрлила во реформите во судството и правдата“…

Да потсетуваме ли на критиките на Трајанов?

Да потсетуваме ли дека уште го прават владеачкото мнозинство, па дури и кога СДСМ и ДУИ не прифаќаат да се расправа за една изборна единица, што е главната мантра на помалите партии во власта?

Сега им е шансата да покажат дека можат да стојат поцврсто позади кажаното.

Претходна вестПо 13 години се покачуваат платите во ЈП „Водовод и канализација“
Следна вестДвегодишно дете тешко повредено по падот од четврти кат во Аеродром