Трамп: Чест ми е поддршката од Де Сантис, за да го победиме Бајден, најкорумпираниот претседател во историјата на САД

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп го изрази своето задоволство што ја добил поддршката од гувернерот на Флорида, Рон Де Сантис во трката за номинација на Републиканската партија за претседателските избори во земјата во ноември. Де Сантис вчера попладне на социјалната мрежа „Х“ објави дека се повлекува од трката и стои зад Трамп.

-Голема чест ми е што ја имам неговата поддршка. Со нетрпение очекувам да работам со него за да го победиме Џо Бајден, кој е најлошиот и најкорумпираниот претседател во историјата на нашата земја, изјави Трамп.

Гувернерот на Флорида, Рон Де Сантис, се откажа од трката за претседателски кандидат на американските Републиканци и застана зад Донлад Трамп. Де Сантис во видео на мрежата Х објави дека се откажува од трката и дека ќе му даде поддршка на Доналд Трамп.

– Не можам да барам време и донации од нашите поддржувачи ако немаме јасен пат кон победа. Затоа денеска ја завршувам кампањата, напиша Де Сантис. Тој го објави видеото со цитат од поранешниот премиер на Велика Британија, Винстон Черчил: „Успехот не е конечен, неуспехот не е фатален: важна е храброста да се продолжи“.

Де Сантис се сметаше за еден од водечките кандидати за републиканската номинација во 2024 година и природен наследник на Трамп поради неговиот борбен стил и длабоко конзервативни ставови. На почетокот на 2023 година, тој беше пред Трамп во неколку анкети. Но, поддршката за гувернерот на Флорида е во опаѓање веќе неколку месеци поради грешките во стратегијата на кампањата, неможноста да се поврзе со гласачите и контролата на Трамп врз мнозинството од партиската база.

Крајот на кандидатурата на Де Сантис значи дека поранешната американска амбасадорка во ОН, Ники Хејли, сега е последниот републиканец во трката кој има шанса, иако не многу голема, да ја преземе номинацијата на Трамп. Победникот на републиканските прелиминарни избори ќе се соочи со Џо Бајден, претпоставениот демократски кандидат, на општите избори во ноември.

Претходна вестНад Тајван регистрирани шест кинески балони
Следна вестУбаво: Студенти на Медицински факултет ќе доделат оксиметри и аспиратори за Детската клиника