Три години од мандатот на Шилегов: Неизградениот тунел под Кале е најубав неизграден тунел во светот

Ако неговиот учинок може да се искаже со оценка од еден до пет, тогаш јас го оценувам со едвај 2. Очекував да го реши аерозагадување, а не направи ништо. Хигиената во целиот град е катастрофа, градот никогаш не бил повалкан, смета скопјанката Катарина Георгиевска

Ништо посебно не изгради. Само пропаганда тера. Па така очекувам дека наскоро ќе ни биде кажано дека неизградениот тунел под Кале е најубавиот неизграден тунел во светот со што треба да се гордееме. Сам, еве нека излезе и нека каже што капитално изгради во Скопје, дури и Универзална не ја поправи, вели центарката Јасмина

 Минатата сабота поминаа цели три години откако со Скопје раководи градоначалникот Петре Шилегов. Период сосема доволен за да се види дали сето она што им го ветил на скопјани е направено или не. Да се види дали има шанси да биде завршено во последната година која му преостана. Сите се сеќаваме дека бајаги големка беше неговата изборна програма и бајаги ветуваше-убедуваше дека ќе ја спроведе.

Шилегов вети педесетина големи проекти. Ако беа реализирани, сега Скопје ќе беше со помалку загаден град, со помалку сообраќајни гужви, урбанистичкото насилство продолжува…. Вакво е мислењето на скопјани кои деновиве ги анкетираше „Скопско ехо“.

-Јас сум еден од оние кои гласале за Шилегов, но сега сум тотално незадоволен од неговата ангажираност и сериозност во работата која ја ветил и за која сум гласал. Разочарување беше. За се што се фатил до сега и пробал да го направи беше неуспешно. Дури и прскањето против комарците. Сега не очекувам и не верувам дека нешто ќе стори до крајот на мандатот, ни вели скопјанецот Драган Угриновски.

 Триесетина проекти не се завршија

Неодамнешното загадување на воздухот со кое Скопје беше петто на листата на најзагадени градови во светот пак потсети дека овој проблем не е решен. И градските и државните власти ветуваа дека загадувањето значително ќе се намали, дури за 50 проценти. Но, мерките какви што беа нови триесетина автобуси на гас, инвертери, чистење на оџаци, нова печка во Дрисла и болницата во Чаир… не помогнаа многу.

-Ако е сега загадувањето околу 200 микрограми колку ли ќе биде во екот на зимава. Градоначалникот треба да е свесен колкава е смртноста од отровниот воздух. Се фали во интервјуата дека не е загадено. А ова што е?, револтирано вели Васка Маневска.

Проблемот со загадувањето најмногу требаше да се реши со гасификацијата на градот и замена на греењето на дрва кај домаќинствата. Но, освен што се направи кружен прстен околу градот застана со изградба на мрежа до домаќинствата во населбите каде граѓаните се греат на дрва. Се барал концепт за ширење на гасоводна мрежа ни тоа никако да се реши. Не се заокружи ниту комбинираниот систем на градски јавен превоз. Градоначалникот неодамна најави дека нов концепт на „брз автобуски превоз“ ќе биде функционален кон крајот на 2021 или на почетокот на 2022 година. Но, под услов да се добие странски кредит…

Штета што и скривниците под Кале не вршат работа за сообраќај

Прашање е дали таков нов систем на превоз ќе оди по нови сообраќајници кои им беа ветени на скопјани. Можат ли до крајот на мандатот, за 7-8 месеци да се направат тунелот под Кале, спуштена крстосница кај „Мавровка“, пешачка зона во Малиот ринг, нови мосотови во Ѓорче Петров на „Илинденска“ и на „Љубљанска“, доградба на булеварите „Словенечка“ и на „Хрватска“, кружен тек во Сарај, … кои беа капитални сообраќајни проекти за кои се гарнтираше дека ќе бидат направени. Сега, за тунелот се вели дека до крајот на следандат  година ќе може да почне градбата. А завршетокот… кој знае кога…

-Ништо посебно не изгради. Само пропаганда тера. Па така очекувам дека наскоро ќе ни биде кажано дека неизградениот тунел под Кале е најубавиот неизграден тунел во светот со што треба да се гордееме. Сам, еве нека излезе и нека каже што капитално изгради во Скопје, дури и Универзална не ја поправи вели центарката Јасмина.

Приоритет на полесните, а не на капиталните проекти

Кај граѓаните доминира оценката дека градоначалникот во изминативе три години наместо на капиталните проекти приоритет им го дал на полесните. Наместо на градба на капитални сообраќајници, со кои требаше да се стратува уште во првата година на мандатот за да се завршат до крајот, се форсираа полесните. Така, на пример, како „градежна офанзива“ се форсира обнова на повеќе улици во градот, а всушност се работи за рехабилитација на површинскиот слој. Како направени проекти на Шилегов може да му се припишат и новиот стационар „Лајка“, нови велосипедски патеки, голема набавка на контејнери и на комунална механизација, завршување на булеварите „Карпош“ и „АСНОМ“, триесетина нови автобуси на гас, нови зелени површини како Ибни-пајко и други, уредување на терасата на ГТЦ и на вториот дел од градскиот плоштад, уредување на внатрешноста на Клиничкиот центар, нови патеки во Градскиот парк, кружен тек во Чаир, субвенции за велосипеди, за инвертори, печки на пелети, столпчиња на тротоари, почеток на новиот парк во Карпош 4, новиот мост во Аеродром…

-Изминативе три години би ги оценил како просечни без значајни промени. Се немаат креативни решенија, очигледно. Особено за хаосот и жртвите во сообраќајот. За крупни проекти што ги ветил секако ќе му треба уште еден мандат. Не најде време да ни го исчисти Усјанскиот канал кој ужасно смрди кај нас во населбата. Му замерам и за финасиите кои ги дава за новогодишните прослави и украсување на градот, ни вели Дејан Ристовски.

Очигледно, скопјани порачуваат дека проектите кои им се ветуваат треба да бидат реални и да почнат на време да се прават.

-Оценка кој би му ја дала на градоначалникот е одвај 2 на скала од 1 до 5. Не запомнив се што ветил, ама градот е нечист, комуналните претпријатија не ги координира (можеби нема ингеренции), паркови и зеленило- исто така. Загаденоста е на максимум, а сигурно и тука нема ингеренции. Улици се прават, ама колку за цел мандат, не знам дали е тоа доволно. Да не набројувам- едноставно го нема меѓу граѓаните, смета Охридеја Димова.

Што и колку од ветеното ќе стаса да се направи останува да се види. Но, веќе сега се извесно дека капиталните проекти нема да бидат завршени до крајот на мандатот. 

 

Што е ветено, а чека на реализација…

оГасификација/Комбиниран градски превоз/Град без смог/Тунел под Кале/Универзална сала/Ревитализација на Треска/Функционален кеј/Две нови гимназии/Пешачка зона Мал Ринг/Зелен коридор Серава/Пошумување на Водно/Уредување на Аквадуктот/Луна парк/Спуштена раскрсница кај „Мавровка“/Колекторски систем/Централен сервис за комунални проблеми/Зелени покриви и вертикално зеленило/Нов мост во Ѓорче Петров на „Илинденска“/Продолжување на „Љубљанска“ со мост/Доградба на „Словенечка“ и на „Хрватска“/Кружен тек во Сарај/Натпатник „Алкалоид“/Монтажни паркинзи на Џон Кенеди“ и „Чаирчанка“/Овошје во школи/Паметни клупи со интернет/Противпожарни станици во Драчево и во Расадник/Нови јавни тоалети/Ревитализација на паркот Гази Баба/Садници за секој нов стан/…

Со оценки од еден до пет, Шилегов заслужува двојка

-Ако неговиот учинок може да се искаже со оценка од еден до пет, тогаш јас го оценувам со едвај 2. Очекував да го реши аерозагадување, а не направи ништо. Хигиената во целиот град е катастрофа, градот никогаш не бил повалкан. Заборави на зелено Скопје. Почна со ослободувањењто на дрвјата од асфалт но запре. Хаос е во сообраќајот, не се растоварија улиците, останаа галиите, останаа тарабите во центарот. Не комуницира со граѓаните , нема приемен ден. Има уште малку до крајот на мандатот а толку многу за правање, ни вели Катарина Георгиевска.

Претходна вестОд денеска до недела пчеларски саем на плоштад „Македонија”
Следна вестНова тура новинари – портпароли на државна плата